25.12.2024, Скопје – По остварените позитивни резултати на домашниот и на странските пазари, „Реплек АД“ и во следната година најавува раст во сите сегменти од своето работење. Во 2025 година според бизнис планот компанијата планира раст на приходите од продажба за 25% во однос на остварените резултати годинава и тоа и на домашниот и на странскиот пазар. Таргетот за раст на приходите од продажба на странските пазари изнесува 26% или од сегашните 23,1, милиони евра на 29,2 милиони евра, а приходите од домашниот пазар се очекува да пораснат за 21% или 8,1 милион евра на 9,8 милиони евра.
„Со гордост можам да најавам дека 2025 година ќе биде година на нов раст и успеси на нашата компанија. Досега постигнатите резултати се одлична потврда за нашиот амбициозен план, кој дополнително е поткрепен со инвестиции во иновации, дигитализација и диверзификација на нашето портфолио во насока на пресретнување на потребите на пазарите. Покрај тоа, ќе инвестираме во развој на и проширување на нови терапии базирани на напредни формули, како и зајакнување на нашите позиции на пазарите. Нашиот потенцијал е веќе препознаен од нашите партнери, од инвеститорите, од акционерите и, секако, од нашите вработени кои се најголемата вредност на Реплек. Продолжуваме посветено да работиме на реализација на нашите цели“, изјави Душан Пецовски, главен и извршен директор на „Реплек АД“.
Позитивните резултати остварени на пазарите, како и континуираните инвестиции ги вброија акциите на „Реплек АД“ во берзанскиот индекс на Македонската берза МБИ 10, што е јасен сигнал за инвеститорите, но и потврда за стабилниот раст и потенцијал на компанијата. „Реплек АД“ и во третото тромесечје од оваа година оствари вкупен раст на приходите од продажба во сегментот фармација од 30,9% во однос на истиот период минатата година. Ваквиот позитивен резултат, кој е продолжение на трендот од изминатите две тримесечја, придонесе за зголемување на вкупните приходи од продажба остварени во првите девет месеци од 2024 година, кои во споредба со истиот период лани се зголемени за 24,3%.
Во 2025 година компанијата ќе работи на проширување на производството, а ќе се интензивираат и инвестиции во нови погони за течни и полуцврсти форми. Во првиот квартал на 2025 година ќе започне со работа претставништвото на компанијата во Белград, а во втората половина на годината и претставништвото во Босна и Херцеговина. „Реплек АД“ Скопје ќе ги продолжи и инвестициите за подигнување на квалитетот на портфолиото.
„Реплек АД“ пласира околу 80% од своето портфолио на повеќе од 20 пазари во светот. Производите на компанијата се присутни на пазари во земји членки на ЕУ, Адрија регионот, во земјите на Блискиот исток, во Африка, Југоисточна Азија, како и на пазарите на ЗНД.
Компанијата за прв пат објави и предлог среднорочна дивидендна политика, која се темели на остварување годишна профитабилност на друштвото во распон од 60% до 150% од последниот тригодишен просек, континуирано намалување на релативното ниво на задолженост и проширување и осовременување на работењето преку инвестирање. Со тоа се овозможува поголема предвидливост и прилив на свеж капитал во компанијата, бидејќи се зголеми атрактивноста на акциите кај инвеститорите.