Skip to main content
Македонија

УЈП ги повикува угостителите да ги почитуваат законските обврски при организирање новогодишни прослави

25/12/2024  15:04

Управата за јавни приходи (УЈП) ги информира сите угостители кои организираат предновогодишни и новогодишни прослави, како и останати активности поврзани со претстојните празници, имаат обврска да ги исполнат законските барања за регистрирање на готовински плаќања.

„При продажба на влезници (резервации) и/или ваучери, угостителите се должни да издаваат фискални сметки. Сите услуги и продажби мора да бидат регистрирани преку одобрен фискален систем. Угостителите кои ангажираат музичари или други физички лица за изведба на уметнички активности, имаат обврска да склучат договори за повремени услуги и да го пријават ангажманот преку системот на УЈП.“, соопшти УЈП.

Од таму потсетиваат дека граѓаните при купување се должни да побараат фискална сметка и истата да ја чуваат по напуштање на местото на прометот на доброто, заради контрола. Секој граѓанин има право и обврска да ги пријави недисциплинираните даночни обврзници кои не ги исполнуваат своите обврски и не издаваат фискални сметки.

УЈП апелира до угостителите, трговците и физичките лица кои ќе вршат продажба на базари или празнични настани, да ги почитуваат законските обврски.

„Управа за Јавни Приходи врши контроли на терен. За угостителите кои нема да ги почитуваат законските обврски, веднаш ќе бидат преземени соодветни мерки, вклучително и издавање наредби за прекршување на законот.“, нагласува УЈП.