Skip to main content
Македонија

МВР со нови возила за полицијата

24/12/2024  16:11

Министерството за внатрешни работи денеска официјално стави во функција нови моторни возила за потребите на организациските единици на МВР и БЈБ. Настанот се одржа во кругот на министерството, како дел од заложбите за изградба на модерна и ефикасна полиција, способна да се справи со сите видови криминал и да ја гарантира безбедноста на граѓаните.

Набавката на возилата, произведени од компанијата „Шкода“, е извршена преку јавна набавка со цел обновување на возниот парк кој се наоѓа во незавидна состојба. Министерството планира во текот на следната година значително да го обнови возниот парк, со што ќе се подигне нивото на функционалност и ефикасност на полицијата.

„Македонската полиција ќе биде гордост и носител на безбедноста за сите граѓани. Продолжуваме со амбициозни планови за изградба на нови полициски станици, нови униформи и модернизација во секој сегмент,“ истакнаа од МВР.

Министерството најави дека и во наредниот период ќе продолжи со активности за подобрување на условите и опремата на полицијата, со крајна цел постигнување на високи европски стандарди во безбедносниот сектор.