Skip to main content
Македонија

Лимани: Новата градинка „Рилиндја” во Тетово е целосно завршена и наскоро ќе започне со згрижување на деца

16/12/2024  13:47

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани заедно со градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами денеска го посетија новиот објект „Рилиндја”  при Јавната установа „Младост”, Општина  Тетово, со цел увид на активностите пред неговото отворање.

При посетата се установи дека, градинката е целосно завршена и наскоро децата од ова населено место ќе имаат можност овде да ги поминуваат нивните детски денови.

Отворањето на градинката ќе овозможи влез на нови 165 деца на возраст до 6 години, во предучилишниот процес.

Изградбата е финансирана преку Годишната акциска програма „Поддршка на ЕУ за образование, вработување и социјална политика” за 2017 година со вкупен буџет од околу 805.000 €,  од кои Европската Унија финансира околу 705.000 € и кофинансира државата од националниот буџет од околу 100.000 € .

За нејзино нормално функционирање, обезбедени се и вработувања за 29 лица.

Обраќајќи се пред присутните, министерот Лимани истакна дека со изгласување на измените на законот за заштита на децата се откочи и процесот за полагање на лиценци за стручен кадар во градинките. Како и дека, наскоро ќе започне и процесот на полагање на испитите, а со тоа ќе се овозможи и влез на стручен кадар во градинките каде што е потребен.

„Наша цел, а истовремено и  одговорност е да обезбедиме квалитетен ран раст и развој на децата и на тоа посветено работиме. Секое дете заслужува да посетува градинка и да се стекне со предучилишно воспитание и образование кое ќе придонесе за негов понатамошен развој. Продолжуваме да работиме на намалување на листите на чекање на децата за упис во градинките, изградба на градинки каде што има потреба, и вработување на стручен кадар во истите,” порача Лимани.