Охрид викендов беше во центарот на македонското веслање. Предизвикот за Веслачкиот клуб Горица Ремо беше организацијата на Државното првенство во ергометар, кое што за прв пат се одржа во Охрид.
Охриѓани беа домаќини на околу 40-тина учесници од Веслачкиот клуб Црн Дрим и Веслачки клуб Врбник од Струга и Веслачкиот клуб Дебар од Дебар. Натпреварите се одржаа во пионерска, кадетска, јуниорска, сениорска категорија, како и натпревари во мастерс (ветеранска) категорија во женска и машка конкуренција.
Веслачите на Горица Ремо иако во редуциран состав, гордо и достоинствено се претставија на ова Државно првенство и докажаа дека со тренинг и волја успехот е загарантиран.
Најмладата веслачка од Горица Ремо, Ана Ничевска го освои сребрениот медал во кадетска категорија. Во најбројната категорија кадети мажи, Андреј Крстески успеа да заврши на 5 позиција.
Александра Маленкоска ја одбрани титулата во сениорска конкуренција, пред нејзината клубска колешка Изабела Димоска која се закити со сребрениот медал.
Во машка конкуренција-сениори до златото прв довесла Климент Нанев.
Во доста возбудлива и изедначена борба помеѓу клубските колшеки во мастерс-жени, најбрза беше Валентина Модева Караѓуле, пред Тања Митрова и третопласирана Дениз Хајредин.
Во мастерс-мажи Коста Дескоски извесла за сребро, додека Методија Патчев беше третопласиран.
Со ова првенството официјално е затворена веслачката сезона за оваа година.