Skip to main content
Македонија

Мицкоски изјави дека може да им предвремени избори, но под овие услови

13/12/2024  14:38

Премиерот Христијан Мицкоски не ја исклучува можноста за предвремени парламентарни избори доколку Владата која ја предводи ги изгуби локалните избори следната година. Вака тој одговара на барањата на опозиционите партии за предвремени избори кои зачестија последниве два месеца.

„Ние сме фокусирани на развој на државата. За околу девет месеци отсега ќе имаме кампања за локални избори. Граѓаните ќе можат да го кажат својот збор на тие локални избори. Доколку оваа Влада граѓаните ја поразат на тие избори, логично е да има предвремени парламентарни избори после тоа. Да не ни се случува како што беше во 2021 година, но доколку оваа Влада ги порази сегашните опозициони политички партии на локалните избори тогаш очекуваме конечно да се посветат на самите себе, да се реструктуираат кадровски, програмски да се освежат и може на следните редовни парламентарни избори да излезат со нова програма и нови кадровски решенија“, рече премиерот Мицкоски на денешното поставување камен-темелник за нова фабрика за батерии во Кичево.

На собраниската седница одржана на 31 октомври кога на дневен ред беа ставени првите пратенички прашања, лидерот на опозиционата СДСМ, Венко Филипче, од говорница го повика премиерот Мицкоски да си поднесе оставка оти го свитка ‘рбетот за уставното име и му пропаднале принципите. Демократската унија за интеграција, пак, последниве неколку недели откако Уставниот суд почна да се занимава со иницијативите поврзани со Законот за јазици во неколку наврати побара предвремени парламентарни избори со објаснување дека тие се единствениот спас за европската иднина на земјата.