
Во Алејата на споменот и иднината во Кочани беа засадени лалиња во чест на 63-те загинати во трагедијата во дискотеката „Пулс“. Во акцијата учествуваа семејствата на загинатите, членови на Здружението „16-ти Март 2025 – Кочани“, холандската амбасадорка Узлем Џанел и претставници на амбасадата.
Лалињата, препознатлив симбол на Холандија, напролет ќе процветаат покрај 63-те јавори, засадени во спомен на загинатите. Со акцијата, холандската амбасада и семејствата испратија порака на пријателство и солидарност.
За време на посетата, семејствата разговарале со амбасадорката Џанел за своите барања и за можностите за дополнителна поддршка. Во фокусот на разговорот била изградбата на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста за 63-те ангели“.
Холандската амбасада иницирала организирање настан на кој проектот би бил претставен пред дипломатскиот кор и компании за да се соберат средства за неговата реализација. Од Здружението предложиле во иницијативата да се вклучат и евроамбасадорот Михалис Рокас и претставници на други дипломатски мисии во земјава.
Семејствата се заблагодарија за континуираната поддршка и солидарноста на холандската амбасада.
„Нека секое расцветано лале биде потсетник на животите што никогаш нема да ги заборавиме и на љубовта што никогаш нема да згасне“, порачаа од Здружението.

