Skip to main content
Економија

Во декември нов повик од ИПАРД III за земјоделските стопанства, преработувачите и руралните бизниси

24/11/2026  12:19

Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој вчера, 23 ноември, ја објави претходната најава за декемврискиот јавен повик 01/2026 од ИПАРД III, кој опфаќа три мерки за кофинансирање на инвестиции во земјоделски стопанства, преработувачки капацитети и рурални бизниси.

Надлежните институции направија проверки и постапија по сите препораки кои беа дадени од страна на Европската комисија. Притоа се пристапи и кон интензивно спроведување Акцискиот план за зајакнување на системите за управување и контрола на ИПАРД структурата, со кој, меѓу другото, се предвидува и дигитално следење на проектите од одобрувањето до исплатата, вклучувајќи ги и контролите на терен, како и рано предупредување при идентификуван ризик од доцнење на исплатите.

„Ја обновивме довербата во ИПАРД и продолжуваме да ги исполнуваме обврските што ги презедовме пред Европската комисија. Во рамки на спроведувањето на Акцискиот план го зајакнуваме Телото за управување со програмата и поставивме прецизни разграничувања на надлежностите, а во насока на јасно институционално нијансирање на тоа кој е одговорен за носење на секоја одлука и кој ќе ја проверува. Успеавме да ги идентификуваме и надминеме причините кои претставуваат ризик фактор за појава на слабости во процесот на спроведување на ИПАРД, односно ги зацврстивме европските стандарди во системот”, порачува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски.

Мерката 1 поддржува вложувања во земјоделските стопанства за попродуктивно и одржливо производство, вклучително и набавка на механизација. Мерката 3 опфаќа инвестиции во преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, а мерката 7 е наменета за дополнителни дејности на фармите и развој на рурални бизниси. Од мерката 7 на овој повик се изземени производството и продажбата на енергија од обновливи извори.