Skip to main content
Економија

Нема крај на поскапувањата, трошоците за живот во ноември пораснале за 4,3%

10/12/2024  17:41

Трошоците за живот во ноември 2024 година се зголемени за 4,3% во споредба со истиот месец минатата година, додека цените на мало пораснале за 4,0%, според податоците на Државниот завод за статистика. Инфлацијата, измерена преку индексот на трошоците на живот, во ноември 2024 година во однос на октомври 2024 година изнесува 1,0%.

Зголемувањето на инфлацијата се должи на повисоките трошоци за храна и безалкохолни пијалаци, кои пораснале за 2,1%, како и за рекреација и култура, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици, кои се зголемиле за 1,5%. Ресторани и хотели забележале раст од 0,8%, додека облеката, обувките и здравствените трошоци се зголемиле за 0,2%. Домувањето, вода, електрика, гас и други горива пораснале за 0,1%.

Истовремено, намалување на трошоците е забележано во категориите транспорт (-0,9%), мебел и покуќнина (-0,3%) и разновидни стоки и услуги (-0,1%). Цените на мало во ноември 2024 година во однос на октомври 2024 година пораснале за 0,3%.