Skip to main content
Македонија

Владата одлучи: Платите на избраните и именуваните лица се замрзнуваат

10/12/2024  16:44

Замрзнување на платите на именуваните и избраните лица, судиите, членовите на Судскиот совет, јавните обвинители и членовите на Советот на јавните обвинители. Ова е одлуката што денеска е донесена на седница на Владата со која се потврдува дека платите на избраните и именуваните лица нема да растат.

За владината одлука денеска со објава на својот фејсбук-профил информира премиерот Христијан Мицкоски.

„Целосно свесен за времето во кое живееме и фактот дека се бориме со последиците од минатото, на денешната седница Владата донесе одлуки со кои нема да растат платите на именуваните и избраните лица, судиите, членовите на Судскиот совет, јавните обвинители и членовите на Советот на јавните обвинители и тие преку интервенција во коефициентите за пресметка на платите се замрзнуваат“, пишува Мицкоски во објавата.

Исто така, премиерот вели дека нема да има исплата на 13. плата во сите органи на државната управа и средствата ќе се пренасочат за развојни проекти.

Мицкоски, покрај ова, информира и дека започнува исплатата на К-15 за сите вработени во целата администрација.