
Најмалку 10 луѓе загинаа, а повеќе се повредени во два тешки верижни судара што утрово се случија на автопатот „Тракија“ кај Јамбол, во Бугарија. Во несреќите учествувале над 50 возила, меѓу кои автомобили и камиони. Сообраќајот на автопатот е прекинат во двата правца.
Судирите се случиле на делницата меѓу клучките „Зимница“ и „Кабиле“, каде што утрово имало густа магла и видливоста била значително намалена. На терен интервенирале полицијата, пожарникарите и екипи на итната медицинска помош од Јамбол и Сливен.
Обласниот управител на Јамбол, Георги Чалаков, за Бугарската телеграфска агенција изјавил дека бројот на загинати е поголем од 10. Во болницата во Јамбол биле примени 11 повредени, од кои повеќето во тешка состојба, соопштил заменик-директорот на болницата, д-р Валентин Влчев. Седуммина од примените имале повеќекратни повреди.
Главниот инспектор Тодор Мишинев од полицијата во Јамбол изјавил дека во оштетените возила имало заглавени луѓе и дека приоритет на екипите било нивното извлекување. Воено-транспортен авион „Спартан“ полетал кон Бургас за да биде на располагање за превоз на повредени, соопштило бугарското Министерство за одбрана.
Властите го активирале системот за предупредување BG-Alert во областите Јамбол, Бургас и Сливен. Бугарската агенција за патна инфраструктура соопштила дека сообраќајот на погодената делница ќе биде пренасочен по обиколни патишта во текот на денот.

