Skip to main content
Свет

Трамп: Војната во Иран практично е завршена од воен аспект

10/11/2026  10:17

Американскиот претседател, Доналд Трамп, синоќа изјави дека смета оти војната во Иран „практично е завршена од воен аспект“.

„Војната со Иран практично е завршена од воен аспект. Ние само ја одржуваме статус-кво состојбата“, изјави Трамп во Белата куќа по средбата со катарскиот премиер.

Американскиот претседател додаде дека Иран е „обезглавен“, но посочи дека и натаму бара начин да обезбеди трајно решение со кое ќе се неутрализира нуклеарната програма на Техеран.

„Во овој момент не изгледа дека има голема потреба од воени дејствија. Но, подготвени сме да дејствуваме доколку се промени која било околност“, рече Трамп. Тој повтори дека смета оти конфликтот со Техеран ќе заврши наскоро.

Трамп додаде дека Катар и Саудиска Арабија се заинтересирани за постигнување мировно решение на конфликтот, а изрази и задоволство од американската поморска блокада на Иран во Ормуската Теснина.

Катарскиот премиер, шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, изјави дека вчера имал позитивни разговори со американскиот претседател и потпретседателот, Џеј Ди Венс.

„Благодарен сум за позитивниот разговор за постигнување договор и воспоставување мир во регионот“, напиша тој на социјалната мрежа Икс.

Во меѓувреме, претседателот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Мохсен Резаи, изјави дека Вашингтон треба да „престане да шири лажни вести за непостоечки преговори“ и дека е време да ги прифати седумте услови што ги поставува Иран.

„Војната против Иран веќе ја уништи американската влада. Но, Вашингтон се однесува како очаен коцкар. Спуштете ги картите. Престанете да фабрикувате лажни вести за непостоечки преговори. Престанете да го негирате новиот поредок во Западна Азија. Време е да ги прифатите седумте услови што Иран постојано ги поставува“, напиша Резаи на својот канал на Телеграм.