Skip to main content
Македонија

Левица: Македонија да ја поддржи годишната резолуција на ОН за Куба – Муцунски да престане да ја изолира државата

27/10/2026  11:14

Соопштение за јавност на Левица:

Го повикуваме Министерството за надворешни работи во пресрет на гласањето во Генералното собрание на ОН за резолуцијата со која се повикува на укинување на американското ембарго врз Куба, а кое е закажано за 28 октомври 2026 година, да гласа „за„ нејзино усвојување.

Апелот го упатуваме бидејќи во октомври минатата година, МНР предводено од Тимчо Муцунски за првпат во историјата на македонската дипломатија гласаше против заедно со уште шест држави (САД, Израел, Парагвај, Аргентина, Унгарија и Украина) со што Република Македонија се изолира на светската политичка сцена. Сѐ до овој неверојатен преседан на кусогледата вмровската дипломатија, Република Македонија доследно гласаше за крај на санкциите кон Куба уште од почетокот на 90-тите години, кога Генералното собрание почна да ја усвојува оваа годишна резолуција, а тоа го правеше како дел од процесот за стабилизација и асоцијација заедно со земјите членки на Европската Унија. Првиот дипломат, кој меѓу другото се обидува да одаде впечаток на поддржувач на членството на Република Македонија во ЕУ, го прави токму спротивното кога ги инструира нашите преставници во ОН да гласаат против самата организација во која се обидува да ја зачлени државата.

Куба всушност ужива речиси едногласна и широка поддршка од најголемите светски и регионални организации, а меѓу нив се Обединетите нации, Европската Унија, Движењето на неврзаните, Карипската заедница, Африканската унија, Арапската лига, Заедницата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН) итн. Во период кога Република Македонија самата се соочува со дипломатски предизвици, кусогледиот Муцунски нема право да повлекува авантуристички и антиевропски потези и да ја турка земјата во уште поголема неизвесност.

 Потсетуваме дека Куба уште од почетокот на администрацијата на Трамп се соочува со сериозна хуманитарна криза поттикната од бруталното ембарго наметнато од САД – недостиг на елементарни намирници, струја, гориво, вода, храна и зголемена смртност. Со автоматското ставање на страната на САД и Израел, кои до 2024 беа единствените земји кои гласаа против оваа Резолуција, Република Македонија повторно се става на страна на злосторници и разбојници на кои ништо не им е свето.

Затоа најавеното гласање не смее да биде уште едно механичко повторување на туѓи политички позиции. На Македонија ѝ се потребни сојузници, меѓународен кредибилитет и принципиелна дипломатија, а не напуштање на воспоставените позиции.

Македонската надворешна политика мора да се води од националниот интерес и меѓународните принципи, наместо секоја одлука автоматски да се усогласува со позициите на САД. Најаваното гласање ќе биде можност да се докаже дека Република Македонија го следи својот традиционален дипломатски курс и прекинува со пракса на полтронство и подаништво кон белосветски бандити и измамници.