
Шестиот Социо-еколошки форум се одржа вчера во Скопје, во организација на Фондација „Фридрих Еберт” – Канцеларија Скопје и Институтот за социјална демократија „Прогрес”, под мотото „Повторно освојување на просторот како инфраструктура на грижата: приказни, солидарност и политика на зелените транзиции”.
Форумот ги обедини претставниците на граѓанскиот сектор, истражувачите, активистите и локалните институции околу прашањето како јавниот и животниот простор да се обликуваат според потребите на луѓето, со поголема социјална и еколошка праведност.
Настанот го отворија Марко Михаилоски од ФЕС и Евгенија Јанакиеска од Прогрес, коишто во нивното воведно обраќање истакнаа дека просторот не е само физичка категорија, туку услов што влијае врз секојдневниот живот, пристапот до услуги и можноста граѓаните да учествуваат во одлуките што ги засегаат
Во воведниот дел се обратија проф. Јасмина Хусановиќ Пехар од EkoFem БиХ и проф. Сашка Петрова од Generate при Универзитетот во Манчестер, кои ја поставија рамката на форумот преку поврзување на локалните искуства со пошироките општествени предизвици на праведната зелена транзиција.
Тие ги поврзаа прашањата дали граѓаните можат да си дозволат да ги затоплуваат своите домови, безбедно да се движат низ населбите, да пристапат до јавните услуги и да влијаат врз одлуките што го обликуваат нивниот живот.
Првиот тематски дел, „Читање на нашите простори: локални приказни, грижа и секојдневни нееднаквости”, вклучи прошетка и активности за мапирање на невидливите проблеми во заедниците. Во прошетката учествуваа Бети Котовчевска, Јана Коцевска, Калиа Димитрова и Ангел Димитриевски од Local Voice, како и архитектката и урбана социологинка Ива Петрунова. Преку лични приказни и групни размислувања, фокусот беше ставен на инфраструктурните недостатоци, еколошките ризици, грижата за заедницата и нееднаквите искуства во истиот простор.
Вториот дел беше посветен на заедничко осмислување социо-еколошки решенија. Работните групи обработуваа четири теми: социо-еколошката репродукција и грижата во просторот, енергетската правда и секојдневниот живот, демократскиот простор и учеството на граѓаните, како и меморијата, поправката и отпорот на заедниците.
Во работата на групите учествуваа Алма Миџиќ од Босна и Херцеговина, проф. Сашка Петрова од Универзитетот во Манчестер, Жарко Коневски од „Еко-свест”, Константинос Декавалас од Градот Атина и Надире Реџепи од Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико”.
Попладневниот дел продолжи со презентација на предлозите и панел-дискусија на тема „Кој ги обликува праведните зелени транзиции?”. На панелот учество зедоа Елена Николовска од „Еко-свест” и Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар во Скопје.
Герасимовски потенцираше дека тротоарите, пешачките патеки и другите јавни површини мора да одговараат на потребите на лицата со попреченост, постарите лица и родителите со детски колички. Тој истакна дека Општина Центар ја поврзува зелената транзиција со енергетската одговорност. Како конкретен пример го посочува формирањето на „Енергија Центар” во 2023 година, за производство и продажба на електрична енергија. Општината има поставено фотоволтаични централи на детската градинка „Корчагин”, клонот „Пепелашка” и основните училишта „Киро Глигоров” и „Св. Кирил и Методиј”. Следен е објектот на ООУ „Димитар Миладинов”, по реконструкцијата на покривот.
Герасимовски истакна дека зелената транзиција не може да биде обврска само на една институција. Потребна е посилна соработка меѓу локалната и централната власт, граѓанските организации, стручната јавност и граѓаните.
Николовска од Еко-свест посочи дека работниците во јагленорегионите, нивните семејства, локалните заедници и енергетски сиромашните граѓани се меѓу најмалку консултираните и информираните во процесите на праведна енергетска транзиција, иако се директно засегнати од промените. Таа нагласи дека овие групи треба да бидат вклучени уште во раните фази на креирањето на политиките и стратегиите, а не само да бидат информирани за веќе донесените одлуки.
Таа укажа и на потребата од посилно учество на граѓаните во процесите на одлучување, особено преку соработката со локалните власти. Како што посочи Николовска, соработката со општините е позначајна и поприсутна отколку соработката со централните институции, поради што е важно да се воспостават поефикасни механизми преку кои потребите и предлозите на локалните заедници ќе стигнуваат до институциите што ги креираат националните политики.
Форумот заврши со заедничко сумирање на заклучоците, мапирање на грижата, моќта и солидарноста, под водство на консултантoт Антонио Јовановски.
На форумот се истакна важноста на солидарноста меѓу жените и активистките кои се соочуваат со различни социо-еколошки предизвици во своите заедници. Размената на искуства на Форумот овозможи учесничките да ги препознаат разликите во условите во кои живеат, но и да развијат поголемо разбирање за предизвиците со кои се соочуваат други жени и заедници во регионот.
Јовановски рече дека ваквите средби поттикнуваат емпатија и желба за конкретна поддршка, што претставува важен дел од активизмот. Солидарноста може да се изрази преку воспоставување формални и неформални мрежи, одржување контакт, споделување информации и јавно поддржување на локалните иницијативи и борби.
Во дискусијата беше посочена и потребата од подобро разбирање на промените во екосистемите преку теренска работа и собирање податоци за нивната состојба и влијанието на човековите активности. Овие информации се важни за попрецизно дефинирање на улогата на граѓанските организации и активистите, како и за застапување на интересите на природата и биодиверзитетот во процесите на донесување одлуки.



