Skip to main content
Македонија

Поделени ставови пред српската амбасада во Скопје – Поддршка за студентите, но и критики

25/10/2026  15:56

Поддршка за студентската листа, критики кон студентите и надеж за мирно разрешување на политичките состојби во Србија. Вакви различни ставови изнесоа гласачите со кои утрово беше разговарано пред Амбасадата на Србија во Скопје, каде што се гласа на српските избори.

Дел од анкетираните отворено ја поддржаа студентската листа, изразувајќи очекување дека ќе победи. Во нивните изјави се слушнаа надежи за политички промени, но и пораки дека изборниот процес треба да помине мирно.

Меѓу соговорниците имаше и спротивни мислења. Еден од нив упати критики кон студентите, оценувајќи дека младите треба да се посветат на учењето и на работата.

За дел од гласачите, остварувањето на избирачкото право подразбираше и патување до главниот град. Еден од анкетираните пристигнал од Битола, каде што живее, за да го даде својот глас во српската амбасада.

Покрај различните очекувања за исходот, соговорниците испратија и пораки за мирно решение на политичките состојби. Еден од нив посочи дека промената на власта е нормален дел од демократијата и дека токму изборите им овозможуваат на граѓаните да одлучат кој ќе ја води државата.