Skip to main content
Македонија

ЛДП: ВМРО-ДПМНЕ ја претвори државата во криминално „реалити шоу” – затворска казна за прес конференции со лични здравствени документи

14/10/2026  13:22

Соопштение на ЛДП:

Додека целата македонска јавност е згрозена од мегаскандалот со бегството на Ива Михајлова, владејачката ВМРО-ДПМНЕ реши да го допре новото институционално дно.

Наместо МВР и Министерството за правда да дадат одговори и понесат одговорност за тоа како лице со одземени пасоши и судски забрани прошета низ граница без печат, партискиот портпарол излезе на прес-конференција и јавно мафташе со украдено лично медицинско досие, отпусни писма и доверливи дијагнози на пациент!

Ова не е само политички аматеризам и теории на заговор, ова е директно прекршување на законите и тешко кривично дело! Партијата на власт свесно го прекрши Законот за заштита на личните податоци, Законот за заштита на правата на пациентите и Кривичниот законик (Член 149 – Злоупотреба на лични податоци). Од кои клиники и од чии фиоки ВМРО-ДПМНЕ неовластено извлекува и дистрибуира доверливи лекарски извештаи за дневни политички пресметки? Дали секој граѓанин во Македонија утре треба да се плаши дека неговото медицинско картонче ќе заврши на партиска говорница ако така им одговара за нивните пропагандни конструкции?

ЛДП бара итна и неодложна акција од институциите:

– Основното јавно обвинителство (ОЈО) веднаш, по допрен глас, да отвори постапка за неовластено прибавување и објавување на доверливи лични и медицински податоци против сите вклучени функционери и партиски портпароли.

–  Агенцијата за заштита на личните податоци (АЗЛП) уште денес да започне вонреден инспекциски надзор во здравствените установи од каде што е извлечен документот, како и во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, и да изрече најстроги законски санкции.

На премиерот пред очите му се распаѓаат целосно институциите, а власта се обидува да го покрие сопствениот граничен и правосуден колапс со конструкции газејки преки секаква правна норма. За вакви случаи нашето законодавство предвидува не само парични, туку и затворски казни! Правниот систем или ќе функционира или сѐ ќе се распадне.

Ваков хаос не сме гледале до сега. ЛДП повикува на гласност на сите разумни сили во земјата затоа што државата ни се претвори во Див Запад, каде што партиските централи го газат правото на приватност, а заштитата на личните податоци постои само на хартија!