
Поранешниот вицепремиер Артан Груби понуди недвижен имот вреден 335.707 евра како гаранција за укинување на мерката со која му е одземен пасошот и му е забрането издавање нова исправа за преминување на државната граница. Неговата одбрана го достави предлогот до Основниот кривичен суд Скопје, каде што се води постапката за предметот „Државна лотарија“.

Според појаснувањето од Судот, куќниот притвор на Груби истекува на 13 октомври по сила на закон. Обвинителниот предлог бил поднесен на 13 август, а законскиот рок за траење на притворот во оваа фаза од постапката е најмногу 60 дена.
Сепак, истекувањето на куќниот притвор не значи автоматско враќање на пасошот. Мерката за одземање на патната исправа и забраната за издавање друга исправа за преминување на границата продолжуваат да важат.
Одбраната бара ова ограничување да биде заменето со имотна гаранција, со образложение дека така ќе се обезбеди достапноста на обвинетиот во текот на постапката.

Предлогот е доставен на мислење до надлежното јавно обвинителство. Потоа за него ќе одлучува Кривичниот совет, а Судот најави дека странките и јавноста ќе бидат известени за одлуката.
