
Поранешниот потпретседател на СДСМ и актуелен пратеник Фатмир Битиќи откри дека добил понуда повторно да се врати во раководството на партијата на функцијата потпретседател, од која се повлече по поразот на парламентарните избори во 2024 година.

Битиќи, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, вели дека сè уште размислува дали да ја прифати понудата и дека за тоа разговара со различни страни.
„Размислувам, разговарам со сите страни и многу брзо ќе разговарам повторно со претседателот“, изјави Битиќи.
Тој односите со лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ги оцени како коректни и професионални, но истовремено се осврна и на речникот што Филипче го користи во јавните настапи.
Прашан за изјавите во кои Филипче премиерот Христијан Мицкоски го нарече „идиот“, а на претставниците на Платформата „Разговори за иднината 12:05“ им порача дека ќе ги „згази како шлепер жаба“, Битиќи рече дека таквиот начин на комуникација не треба да биде карактеристичен за социјалдемократите.
Според него, официјалното објаснување е дека станува збор за одговор на вокабуларот што претходно го воспоставил Мицкоски.
„Ако ме прашувате дали сметам дека за социјалдемократ таков речник е вообичаен, сметам дека не. Ние треба да бидеме различни, да покажеме друга политичка култура“, рече Битиќи.
Во однос на сè пожестоките меѓусебни обвинувања меѓу Филипче и претставниците на Платформата 12:05, Битиќи сè уште гледа простор за дијалог.
Тој очекува интересите на партијата да преовладаат над меѓусебните несогласувања и двете страни да седнат на заедничка маса.
„Убеден сум дека луѓето коишто ја сакаат партијата и ги почитуваат социјалдемократските вредности ќе се издигнат над дневните нелагодности и ќе кажат: Океј, ќе оставиме сè ова на страна, ајде да седнеме на маса, да видиме што е добро за партијата“, рече Битиќи.
Според него, токму можноста за заеднички разговор му дава оптимизам дека несогласувањата во СДСМ можат да се надминат.
„Заедничката маса е решението“, порача Битиќи.
На прашањето што доколку до таков дијалог сепак не дојде, Битиќи кусо одговори:

„Па, можеби само ќе им посакам среќа на двете страни.“
