
Еден збор бил доволен за да биде запрено полетувањето на авионот на „Ер Србија“ од Сплит за Белград – „бомба“. Полицијата интервенирала непосредно пред полетувањето, привела еден од патниците, а сите останати биле евакуирани од авионот за да се изврши безбедносна проверка.

Инцидентот се случил во понеделникот попладне, непосредно пред летот кој бил закажан за 15:20 часот.
Еден од патниците, Винко Паиќ, раскажал дека авионот веќе бил на пистата кога низ прозорецот забележал полициско возило. Набргу потоа во авионот влегле неколку полицајци, дел во униформа, а дел во цивилна облека.
„Видов полициско возило низ прозорецот до авионот. Тие изнесоа еден господин со седа коса кој седеше во третиот или четвртиот ред“, раскажал Паиќ.
Патниците во прв момент не знаеле што се случува и зошто полицијата го извела човекот од авионот. Кога Паиќ ја прашал стјуардесата што се случило, таа кратко му одговорила:
„Тој го спомна зборот ‘бомба’.“
По ова, дел од патниците, вознемирени од ситуацијата, почнале да го напуштаат авионот.
Околу 15:40 часот се огласил и пилотот, кој ги известил сите патници дека мора да излезат од авионот за да биде извршена целосна безбедносна проверка.

Полицијата го привела патникот кој го спомнал зборот „бомба“, додека останатите патници биле евакуирани. Поради инцидентот, полетувањето на авионот од Сплит кон Белград било запрено.

