
Нова полициско-обвинителска акција е во тек поради сомнежи за финансиски злоупотреби во АД „Државна лотарија“. По наредба на Јавното обвинителство, а во координација со Управата за финансиска полиција, се преземаат дејствија и се вршат претреси на повеќе локации во Скопје, Гевгелија, Валандово и други места.

Според неофицијални информации, во рамки на акцијата се приведени неколку лица. Меѓу нив, неофицијално, е и поранешна раководителка на финансискиот сектор во „Државна лотарија“, која ја извршувала функцијата во периодот кога со друштвото раководел Перпарим Бајрами.
Предметот, според информациите што досега се објавуваат во јавноста, се однесува на сомнежи за финансиски злоупотреби во вредност од околу 1,3 милиони евра.
Истрагата се поврзува и со наводи содржани во извештаи на Државниот завод за ревизија, но Обвинителството постапува и врз основа на сопствени сознанија. Засега од надлежните институции нема официјални детали за идентитетот и бројот на лицата опфатени со акцијата, ниту за конкретните кривични дела за кои се сомничат.
Новата акција се спроведува во период кога пред Основниот кривичен суд во Скопје веќе се води судска постапка за предметот „Лотарија“, во кој се опфатени осум лица.
На последното рочиште, како прв сведок на Обвинителството сведочеше Владо Петковски, директор на Секторот за игри на среќа во „Државна лотарија“. По серијата прашања од Обвинителството, сведокот беше прогласен за непријателски, по што обвинителите продолжија со вкрстено испрашување.
Петковски негираше дека имал средби со Перпарим Бајрами и Артан Груби. Одбраната на Груби тогаш оцени дека неговото сведочење покажало дека во „Државна лотарија“ се постапувало согласно законските процедури.
Првообвинет во актуелниот предмет е поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, кој извесен период беше недостапен за органите на прогонот, а потоа се предаде и се врати во земјава. Второобвинет е поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој исто така беше недостапен за институциите, а претходно годинава се врати во државата преку граничниот премин „Блаце“.
Според обвинението во предметот „Лотарија“, осум лица во текот на 2023 и 2024 година наводно ги пречекориле своите овластувања, со што била предизвикана штета на „Државна лотарија“ од над девет милиони евра.

Од Јавното обвинителство засега нема официјална потврда за бројот и идентитетот на приведените лица, ниту за висината на средствата опфатени со најновата истрага.
