
Во Скопје денес беше отворена изложбата „Road to Liberty” („Патот до слободата”), посветена на 250-годишнината од независноста на Соединетите Американски Држави.
На настанот присуствуваа претставници на Градот Скопје, вршителката на должноста амбасадор на САД Никол Варнс, како и претставници на Амбасадата на САД и Американското катче во Скопје.
Изложбата преку историски приказни, идеи и интерактивни содржини ја претставува историјата на САД и ги истакнува вредностите на слободата, еднаквоста и човековото достоинство, со посебен фокус на младите.
Настанот е уште една можност за зајакнување на пријателството и соработката меѓу Северна Македонија и САД, како и за создавање нови можности за културна размена, знаење и поврзување на младите.
Од Градот Скопје упатија благодарност до Амбасадата на САД и Американското катче за соработката и изразија уверување дека партнерството ќе продолжи со нови иницијативи од интерес за граѓаните и младите.
Воедно, беше упатена честитка по повод 250-годишнината од независноста на Соединетите Американски Држави.


