Skip to main content
Магазин

Викенд што долго ќе се прераскажува: Повеќе од 60 жени беа дел од настанот „dm bring your best friend” во Маврово

29/09/2026  10:58

Понекогаш е потребен само еден викенд надвор од секојдневната рутина и најдобрата пријателка покрај вас, за секојдневните обврски барем накратко да останат настрана, а нивното место да го заземат разговорите, смеата, новите искуства и времето за себе. На 26 и 27 септември, Маврово беше токму такво место за повеќе од 60 жени, кои беа дел од настанот „dm bring your best friend“ – дводневно доживување во организација на dm drogerie markt, посветено на женското здравје, личниот развој, грижата за себе и, пред сè, времето поминато со најдобрата пријателка.

Уште од пристигнувањето во хотелот Grand Chamois, идејата беше учесничките да почувствуваат дека пред нив се два дена во кои можат да се посветат на себе. А првото мало изненадување ги чекаше токму таму каде што требаше да се одморат – во секоја соба беа подготвени подарок-торби со производи и персонализирани честитки за добредојде, како топол почеток на заедничкиот викенд.

Наместо класичен распоред во кој едно предавање го заменува следното, програмата беше осмислена така што во текот на двата дена постојано се менуваа ритамот и атмосферата. Се разговараше за женската енергија, хормоните низ различните животни периоди, самодовербата, здравата исхрана и женското тело, а стручните и личните разговори се надополнуваа со активности кои ги поттикнаа учесничките да создаваат, да се движат, да се релаксираат и едноставно да уживаат во времето поминато заедно.

Во програмата се вклучија Катерина Ангеловска, д-р Александар Бојаџиев, Бојана Стојменовиќ Петровска – „Мој психолог”, Драгана Младеновска Колева, Билјана Пешева, Мартин Видоевски, Невена Јоновска и Андријана Митовска, додека завршната панел-дискусија ги обедини Тијана Дапчевиќ, Александра Гакидев и Драгана Младеновска Колева во разговор посветен на женското тело и промените низ различните животни периоди.

Но, „dm bring your best friend” не беше само викенд за слушање и учење. Меѓу разговорите имаше јога, фитнес, јога за лице, креативни работилници за изработка на сапуни, балсами за усни и свеќи, работилница за здрава исхрана, шминка, спа, масажи и време за одмор. Првиот ден заврши со заедничка вечера и стендап настап – монодрамата ,,Менопауза” на Тијана Дапчевиќ, па сериозните теми природно им отстапија место на смеата и опуштеното дружење.

– Со ‘dm bring your best friend’ сакавме да создадеме простор во кој жените ќе можат да издвојат време за себе, но и да го споделат со својата најдобра пријателка. Ни беше важно овие два дена да донесат корисни и стручни разговори за теми што се дел од животот на жената, но истовремено и моменти за одмор, движење, смеа и заеднички искуства. Особено ни е драго што повеќе од 60 жени ја препознаа оваа идеја и заедно со нас создадоа атмосфера во која грижата за себе и женската поддршка беа во центарот на вниманието – вели Кристина Дуранска, менаџер за маркетинг и комуникации во dm.

„dm bring your best friend” е продолжение на фокусот на dm на женското здравје и благосостојба, кој во изминатиот период се развиваше и преку едукативни содржини со стручни лица на теми поврзани со исхраната, хормоните, сексуалното здравје и негата на кожата. Во Маврово, овие теми добија поинаков простор – надвор од секојдневието и во атмосфера во која информациите и разговорите се испреплетуваа со дружење и заеднички искуства.

По два дена, од Маврово не се понесоа само подароците, советите и она што беше научено на предавањата и работилниците. Останаа и утринската јога, заедничкото кафе, смеата на вечерата, нешто создадено со свои раце, разговорите меѓу две активности и времето поминато со пријателката. Токму од тие мали моменти беше составен целиот викенд – два дена во кои повеќе од 60 жени имаа можност барем накратко да го остават секојдневното темпо настрана и да создадат нови заеднички спомени.