Skip to main content
Македонија

МАКЕДОНЕЦ ИЗБОДЕН СО НОЖ ВО ГЕРМАНИЈА: 24-годишник итно опериран по жестока пресметка

28/09/2026  21:00

Македонски државјанин на возраст од 24 години бил тешко повреден со нож во жестока пресметка меѓу две групи во германскиот град Бад Зегеберг.

Инцидентот се случил во саботата рано наутро, околу 04:20 часот, во близина на градскиот плоштад, на улицата „Кирхштрасе“.

Според информациите од германската полиција, меѓу две групи најпрво започнала вербална расправија, која за кратко време прераснала во физичка пресметка. Во текот на тепачката, 23-годишен жител на Бад Зегеберг, германски државјанин, употребил нож и му нанел тешки повреди на 24-годишниот Македонец. Во инцидентот бил повреден и 23-годишен ирачки државјанин.

Случајни минувачи и лица кои први притекнале на помош се обиделе да го запрат обилното крвавење кај македонскиот државјанин. По пристигнувањето на местото на настанот, полициските службеници ја презеле итната помош и со медицинска подврска успеале да го запрат крвавењето.

Повредениот веднаш бил пренесен со возило на Итната медицинска помош во болница, каде што уште истото утро бил итно опериран. Неговата повреда првично била оценета како опасна по живот, но по извршената операција било потврдено дека повеќе не се наоѓа во животна опасност.

По пресметката, три лица, меѓу кои и осомничениот за нападот со нож, го напуштиле местото со автомобил. Подоцна биле пронајдени во локална клиника и привремено приведени. Станува збор за 23-годишниот осомничен и уште двајца германски државјани на возраст од 22 и 23 години. Сите тројца имале полесни повреди здобиени во тепачката.

По наредба на Обвинителството во Кил, од петмина учесници во пресметката биле земени примероци од крв. По завршувањето на полициските постапки и утврдувањето на нивниот идентитет, обвинителството наредило приведените да бидат пуштени да се бранат од слобода.

Криминалистичката полиција во Бад Зегеберг продолжува со истрагата и ги повика сите лица кои биле сведоци на пресметката или располагаат со информации за случајот да се обратат во полиција.