Skip to main content
Македонија

Владата патува низ светот, но не разбира каде се движи светот

28/09/2026  18:56

Пишува: Фатмир Битиќи – Пратеник во Собранието на РСМ

„Мултилатерализмот не е идеал од минатото. Тој е единствениот реален начин за справување со проблемите на денешницата. Ниту една држава сама не може да спречи пандемија, да ја стабилизира климата, да обезбеди отпорни синџири на снабдување, да ја регулира вештачката интелигенција, да обезбеди финансиска стабилност или да постигне одржлив развој. Ниту една држава, колку и да е моќна, не може сама да изгради траен мир. Затоа нашата порака е јасна: потребен ни е мултилатерализам. Силен, ефикасен и репрезентативен мултилатерализам, способен да испорачува резултати за луѓето. Мултилатерализам што ги штити човековите права, ја зајакнува демократијата и ја унапредува родовата еднаквост.“

Со овие зборови, изговорени од говорницата на 81. сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ја опиша суштината на времето во кое живееме. Светот станува сè помеѓузависен, но истовремено и сè пофрагментиран. Војните ги прекинуваат трговските правци, енергетските шокови ја потхрануваат инфлацијата, технологијата ја прераспределува економската моќ, а климатските промени стануваат непосреден трошок за производството, храната и секојдневниот живот. Во таков свет, мултилатерализмот за малите држави е најсилниот механизам преку кој може да ја заштита својата политичка рамноправност, економска сигурност и развојна перспектива.

Нашата Влада интензивно патува, а нејзините членови сакаат да бидат видени и фотографирани на што е можно повеќе места низ светот. Од Вашингтон до Њујорк и европските престолнини, се редат средби, фотографии и соопштенија. Но, дипломатската километража не е доказ дека државата знае каде се движи светот. Патувањата покажуваат присуство, додека правецот го откриваат политиките. Надворешната политика се состои во тоа да знаеме кој национален интерес го застапуваме, кои сојузништва ги градиме и каква корист создаваме.

Премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање пред Генералното собрание изнесе неколку точни согледувања. Кажа дека глобализацијата не исчезнува, туку се преобликува, дека синџирите на снабдување се менуваат и дека производството повторно станува геополитичко прашање. Посочи и дека државите повеќе не прашуваат само каде нешто може најевтино да се произведе, туку и кому може да му се верува. Со овие оценки можам да се согласам, но правилно опишаниот свет сè уште не значи и правилно позиционирана држава.

Уште поважна е неговата констатација дека за една голема сила погрешната геополитичка процена може да значи промена на стратегијата, додека за мала држава истата грешка може да значи изгубена деценија. Неговиот говор не треба да го оценуваме според реторичката сила, туку според политиките што стојат зад изговорените зборови. Ако една погрешна процена може да нè чини цела деценија, Владата е должна да покаже дека ја разбира геополитиката и новата економска географија што се создава околу нас.

Мицкоски рече и дека „вредностите не се одржуваат со говори“ и го постави критериумот според кој треба да се оцени неговото обраќање. Вредностите, партнерствата и економската сигурност добиваат политичка смисла преку функционални институции, доверливи сојузништва, склучени договори, реализирани инвестиции и резултати што граѓаните можат да ги почувствуваат. И овде доаѓаме до суштинското прашање: каде е македонската стратегија за светот што премиерот правилно го опиша?

А таа стратегија би требало да содржи конкретен план за вклучување на македонските компании во новите европски синџири на снабдување, прецизно дефинирани производствени капацитети што сакаме да ги привлечеме и механизми преку кои односите со САД, ЕУ и другите стратешки партнери ќе се претворат во капитал, технологии, нови пазари и поголема енергетска сигурност. Тоа би била надворешна политика што произведува развој.

Од владините објави најчесто дознаваме со кого премиерот се сретнал. Не дознаваме кој договор е постигнат, кој проект е договорен, колкава е неговата вредност, од кои извори ќе се финансира и во кој рок ќе се реализира. Средбите на маргините се вообичаен и корисен дел од дипломатијата. Тие можат да отворат врата и да подготват терен за посуштински процеси. Но, проблемот настанува кога маргините ќе станат целата наша надворешна политика, а кусото ракување во ходник ќе се претставува како државнички успех.

Неодамна слушавме многу погласни ветувања. Јавноста беше убедувана дека новите „стратешки партнерства“ ќе донесат милијарди, а партнерството со Обединетото Кралство беше претставено како инвестициски циклус од пет милијарди фунти. Денес реториката е повоздржана, можеби затоа што се покажа дека милијардите полесно се најавуваат отколку што се обезбедуваат и реализираат.
Најсилниот тест за способноста на Владата да ја претвори надворешната политика во економска корист се странските директни инвестиции. Во 2024 година беа регистрирани околу 1,2 милијарди евра директни инвестиции, додека во 2025 година нивниот износ падна на 423,6 милиони евра. Тоа е намалување од околу 65 отсто, односно речиси 773 милиони евра помал инвестициски прилив за една година. По приливот од околу 223,2 милиони евра во првиот квартал од 2026 година, во вториот квартал се регистрирани само 55,9 милиони евра, што претставува квартален пад од приближно 75 отсто.

Овие бројки ја разоткриваат слабоста на економската дипломатија која произведува очекувања, но не и доволно капитал, производствени капацитети и квалитетни работни места.
Овде се согледува и пропуштената можност на nearshoring, концепт за кој редовно зборував додека ја извршував функцијата вицепремиер за економски прашања. Пандемијата, војните, блокираните транспортни правци и енергетските шокови покажаа дека најевтиниот синџир на снабдување не е секогаш и најсигурниот. Компаниите затоа го приближуваат производството до главните пазари и бараат стабилни, блиски и политички предвидливи локации.

Македонија ја има почетната предност, како што е близината до ЕУ и пристапот до регионалните пазари. Но, можноста која ја нуди географијата, може да стане развоен потенцијал само кога е поддржана со владеење на правото, функционални институции, квалификувана работна сила и домашни компании способни да се вклучат во европските синџири на вредност. Денес Владата го употребува речникот на nearshoring, но не спроведува политика на nearshoring. Нема мапа на приоритетни сектори, системска програма за развој на домашните добавувачи, интегрирана инвестициска понуда и мерливи резултати од економската дипломатија.

Постои уште една вистина што Владата не сака да ја слуша. ЕУ со сите свои слабости и внатрешни противречности, останува најуспешниот политички и економски проект што на помалите држави им овозможува да го заштитат својот интерес во односите со големите сили. Во време кога моќта повторно се обидува да го потисне правото, ЕУ го чува принципот дека ниту големината на државата ниту нејзината економска сила не смеат да бидат единствената мерка за нејзиното политичко достоинство.

За Македонија, ЕУ е природен економски и вредносен простор, најважен пазар за домашните компании и извор на капитал, знаење и технологии. Подлабоката европска интеграција е и нашата најконкретна заштита од нарушените синџири на снабдување, енергетската неизвесност, инфлаторните шокови и геополитичките уцени.

Владата сака да зборува за неправдите и одложувањата на европскиот пат, но многу поретко зборува за политичката и економската цена на останувањето надвор. Не може во Њујорк да се бара свет уреден со правила, а дома да се поткопува довербата во европскиот процес со дневнополитички калкулации. Европската интеграција е наша развојна потреба и демократска обврска кон генерациите што имаат право да живеат во стабилна, праведна и просперитетна држава.

На Македонија ѝ недостига надворешна политика што знае што сака да постигне и економска политика способна дипломатските контакти да ги претвори во јавна вредност.

Светот не чека да одлучиме дали ќе се приспособиме. Синџирите на снабдување веќе се пренасочуваат, капиталот веќе избира постабилни локации, а новата економска географија веќе се исцртува.
Во такви услови, пораката на Кошта за мултилатерализмот добива сосема конкретна економска содржина. За Македонија, ЕУ е најблискиот простор во кој оваа идеја се претвора во практика: правилата за трговијата, енергијата, технологијата и движењето на капиталот да се договараат низ заеднички институции. Членството значи да учествуваме во нивното создавање, а останувањето надвор подразбира да ги прифаќаме откако другите веќе ги утврдиле. Ако нашата дипломатија завршува со средбите во ходниците, другите ќе ги определуваат правилата, правците и приоритетите, а ние дополнително ќе се приспособуваме и ќе ја плаќаме цената.

Вистинскиот успех нема да биде Македонија да биде присутна на маргините на секој меѓународен собир. Успех ќе биде конечно да престане да живее на маргините на економските, политичките и технолошките процеси што ја одредуваат нејзината иднина.

Владата може да продолжи да патува низ светот, но граѓаните ќе ја плаќаат цената ако и понатаму не разбира каде се движи светот.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.