
Соопштение на Левица:

Присуството на Левица на јавната трибина „Што по 35 години?” преку учество на истата од страна на нашиот порпарол, Амар Мециновиќ, очигледно го наруши удобниот простор во кој 35 години функционира алаш-вериш пазарот помеѓу СДСМ и ДПМНЕ.
Откако Левица се појави на политичката сцена, СДСМ и ДПМНЕ не престануваат да се расправаат „чија” е. Денес само ја повторија старата претстава: Мицкоски се обидува да нè смести во политичката орбита на СДСМ, додека Филипче, на прес-конференција со бизарна кореографија и лошо одглумен ентузијазам, нè прогласи за сателит на Мицкоски. Во таа упорна противречност се наоѓа и најдобриот одговор на двајцата: толку се навикнати секоја политичка сила да биде нечија, што не можат да прифатат дека Левица е своја и автентична како производ на времето.
По три и пол децении политика сведена на две партиски адреси, најтешко им е да ја прифатат наједноставната можност: дека во Македонија созреа политичка сила која не бара дозвола, легитимитет ниту место под сонцето од кој било од нив и, пред сè, нема криминали и корупциски скандали поради кои може да биде уценувана.
По децении во кои власта преминуваше од едни раце во други, додека крупните политички и корупциски афери остануваа без разрешница, јавноста добро го познава политичкиот багаж на старите партиски раководства. Левица нема скриена хипотека што треба да ја отплаќа со противуслуги. Не договараме амнестии зад затворени врати; кога разговараме со политички субјекти, јавно соопштуваме со која цел го правиме тоа што произлегло од истото.
Немаме лидер со империја што мора да ја чува, бизниси што бараат политичка тишина, ниту товар од сопствено владеење што ни го диктира секој став. Затоа не мораме денес да говориме за правда, а утре да го прекројуваме Кривичниот законик во корист на вмровски функционери; да убедуваме обвинители да одмрзнуваат туѓ партиски имот; или заедно со вмровски советници да гласаме ДУП-ови во интерес на бизнис-елитата.
Левица настана од непомиреноста со таквиот поредок и од одбивањето бедата и неправдата да се прифатат како судбина. Немаме политички долг што мораме да го вратиме, ниту досие со кое може да ни го стишат гласот. Филипче и Мицкоски можат да продолжат со својата удобна кохабитација и со договорените изборни правила преку кои од петни жили се обидуваат да го задржат статус-квото. Ние немаме причина да ја договараме границата до која смееме да ги критикуваме.

Нивните клевети не нè допираат. Тежината на тие зборови зависи од кредибилитетот на оние што ги изговараат, а народот добро го памети политичкиот багаж што и двајцата го носат.
