
Силните дождови денес предизвикаа големи поплави во Бангкок и евакуации, а властите ја прогласија тајландската престолнина за област погодена од природна катастрофа за да можат побрзо да реагираат на кризната ситуација.

Метеоролошката служба предупреди дека дождот што не престанува од четврток ќе го погоди поголемиот дел од Тајланд до утре.
Повеќе од 30 сантиметри дожд паднаа во Бангкок од четврток, поплавите се шират, блокирајќи ги патиштата и запирајќи го целиот сообраќај, а продавниците се претежно затворени денес.
Отворени се повеќе од 200 прифатни центри за жителите на поплавените подрачја.
Владата објави дека властите испраќаат итни предупредувања на мобилните телефони на граѓаните.

Воздушниот сообраќај моментално се одвива нормално, но некои летови може да бидат одложени.
