Skip to main content
Скопје

Аеродром добива нов парк – почна уредувањето на просторот кај „Џевахир“

26/09/2026  10:28

Во непосредна близина на комплексот „Џевахир Скај Сити“ во Аеродром започна уредувањето на нова парковска површина од околу 3.000 квадратни метри, информираше градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, преку објава на Фејсбук.

Митески денеска извршил увид во активностите за расчистување и подготовка на просторот, кој според најавите треба целосно да биде трансформиран во нова зелена и рекреативна зона за жителите од овој дел на општината.

Предвидено е во новиот парк да има детско игралиште, пешачки патеки, урбана опрема и зеленило. На целата површина ќе биде поставен систем за наводнување, а планирано е и поставување целосно нови линии за осветлување.

„Денеска извршив увид на активностите за расчистување на просторот што ќе прерасне во нов парк со детско игралиште, пешачки патеки, урбана опрема и зеленило“, наведе Митески.

Градоначалникот упати благодарност до компанијата „Џевахир“ за поддршката и соработката во реализацијата на проектот.

Според најавата, со уредувањето на оваа површина жителите на Аеродром, а особено оние кои живеат во и околу комплексот „Џевахир Скај Сити“, треба да добијат нов простор за одмор, рекреација и дружење.