
До крајот на ноември треба да заврши новото проектирање на недовршените објекти во кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, по што веднаш ќе биде распишан тендер за избор на изведувач. Доколку постапките се одвиваат според предвидената динамика, градежните активности се очекува да започнат на почетокот на следната година.

Ова го најави министерката за образование и наука Весна Јаневска во гостувањето на 4ТВ, говорејќи за иднината на објектите кои со години стојат недовршени во универзитетскиот кампус.
Според Јаневска, извршени биле анализи од страна на Градежниот факултет, а затекнатата состојба покажала дека нема поголеми оштетувања на конструкцијата. Тоа, како што посочи, овозможува проектот да продолжи со потребните санации и со нови проектантски решенија.
„Според новиот план, двете незавршени згради ќе му припаднат на ФИНКИ и ќе бидат споени со мост. Факултетот за физичка култура реши да остане на сегашната локација, каде што дополнително ќе ги прошириме капацитетите. Во процесот на репроектирање имаме грант и експертска помош од швајцарската влада за целосно покривање на машинските, електричните и системските решенија“, истакна Јаневска.
Со ваквото решение, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство треба да добие два објекта во кампусот, со што би требало значително да се подобрат просторните услови за студентите и наставниот кадар.
Јаневска посочи дека седумгодишниот застој во изградбата предизвикал голема штета, пред сè за студентите кои во изминатиот период немале соодветни услови, но и за државниот буџет.
Дополнителен проблем е значителниот раст на цените на градежните материјали во споредба со периодот кога првично бил планиран и започнат проектот. Поради тоа, продолжувањето и завршувањето на изградбата ќе чинат значително повеќе од првично предвидената сума.
Колку точно средства ќе бидат потребни ќе биде познато откако целосно ќе заврши репроектирањето и ќе бидат дефинирани сите градежни, машински, електрични и други технички решенија.
Според најавената динамика, проектот треба да биде готов до крајот на ноември, потоа да следува тендерската постапка, а градежните работи на недовршените објекти да започнат на почетокот на следната година.

