
Реновирани соби со топла вода, подобрена храна во мензите, енергетски ефикасни фасади и фотоволтаици ги дочекуваат студентите оваа академска година во студентските домови, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Според министерката, подобрувањето на условите треба да им овозможи на студентите наместо со секојдневните проблеми поврзани со сместувањето, повеќе да се фокусираат на учењето и своите академски обврски.
Особено се осврна на условите во студентскиот дом „Стив Наумов“, кој беше опфатен со реконструкцијата.
„Студентскиот дом ‘Стив Наумов’, ќе си дозволам така да кажам, го направивме хотел А категорија. Мислам дека студентите кои ќе бидат сместени во тој дом ќе бидат презадоволни“, рече Јаневска.
Таа посочи дека подобрувањето на условите не се однесува само на реновирање на собите. Интервенциите опфаќаат обезбедување топла вода, подобрување на исхраната во мензите, поставување енергетски ефикасни фасади и користење фотоволтаици.
Јаневска се осврна и на прашањето за добивање место во студентските домови, демантирајќи дека на студентите им се потребни „врски“ за да бидат сместени.
Според неа, сите студенти кои ги исполнувале условите досега се сместени во домовите „Гоце Делчев“ и „Стив Наумов“.
„Капацитетот на ‘Гоце Делчев’ е околу 1.200 места, а на ‘Стив Наумов’ над 1.000. Сите студенти што ги исполнуваа условите до денеска се сместени, а имаме сочувано слободни места за бруцошите и околу стотина места за студенти од посебен интерес за државата“, изјави Јаневска.
Министерката најави и дека наскоро треба да биде пуштен во употреба студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“.
Според нејзината најава, домот треба да биде ставен во функција за најмногу еден и пол месец.
Со неговото отворање, Скопје ќе располага со три модернизирани студентски домови на различни локации.
По завршувањето на овие активности, реновирањето треба да продолжи во преостанатиот дел од студентскиот дом „Гоце Делчев“, како и во неговата менза.

