
Бранот на иселување од Македонија можеби е намален, но за официјална и целосна слика ќе треба да се почекаат статистичките податоци на крајот од годината, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Според неа, во моментов постојат индикации дека интензитетот на иселувањето е нешто помал, но конечни заклучоци ќе може да се извлечат дури откако ќе бидат објавени официјалните бројки.
„Има впечаток, иако статистичките податоци ќе ги видиме на крајот на годината, дека тој бран е нешто малку намален“, рече Јаневска.
Како еден од показателите за движењето на учениците, министерката ги посочи податоците поврзани со учебниците што се доставуваат до училиштата. Промените во бројот на учениците, според неа, се забележуваат и преку потребите што училиштата ги пријавуваат во текот на учебната година.
Јаневска откри дека во текот на септември се регистрирани и случаи на доселување деца во Македонија.
Според податоците со кои располага Министерството, едно училиште пријавило девет новодоселени деца, додека друго училиште пријавило 11 ученици кои се доселиле во земјава во текот на септември.
„Се надевам дека ќе најдеме некој стабилен баланс и конечно престанување на иселувањето на нашите деца“, изјави министерката.
На прашањето во кои делови од земјата најмногу се забележуваат ваквите движења, Јаневска посочи дека состојбата се разликува од регион до регион.
Според неа, во моментов ваквите случаи се позабележителни во источните делови од Македонија, а во нешто помал обем и во Скопје.
„Предоминантно во моментот е во Истокот и нешто помалку тука во Скопје, но и тоа се случува“, рече Јаневска.
Сепак, министерката нагласи дека овие показатели не се доволни за да се извлече конечен заклучок дека бранот на иселување е запрен или значително намален. Официјалната слика, како што посочи, ќе биде појасна по објавувањето на статистичките податоци на крајот од годината.


