Skip to main content
Македонија

Спасовски до директорот Гајдов: Кога се вработувавте се изјаснивте како Албанец, кога конкуриравте за директор како Македонец

17/09/2026  16:41

Пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, отвори сериозни прашања за начинот на кој актуелниот директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, Петар Гајдов, бил вработен во институцијата, посочувајќи документи за кои тврди дека покажуваат различно изјаснување за неговата етничка припадност.

Спасовски, во своето обраќање пред собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, порача дека ваквите прашања директно го засегаат кредибилитетот на институцијата која треба да гарантира транспарентност, отчетност и пристап до информации од јавен карактер.

„Ако јас се посомневам во работењето на Агенцијата, врз основа на одредени предмети и постапки, тогаш сериозно ќе се разниша довербата во институцијата“, рече Спасовски.

Тој пред пратениците презентираше документи за кои рече дека се од постапката за вработување на Гајдов.

Според Спасовски, работното место помошник-раководител на Секторот за правни, општи работи и управни постапки било предвидено, согласно годишниот план на институцијата, за припадник на албанската етничка заедница.

Спасовски тврдеше дека од решението за избор се гледа дека Гајдов бил избран на работното место како етнички Албанец.

Но, како што посочи координаторот на пратеничката група на СДСМ, пред да конкурира за директор на Агенцијата, Гајдов дал нотарски заверена изјава во која се изјаснил како Македонец.

Спасовски нагласи дека не го оспорува правото на кој било граѓанин слободно да ја изразува својата национална припадност, туку го поставува прашањето дали етничката припадност била користена за исполнување на условите за конкретно работно место.

„Јас не навлегувам во тоа дали сте Албанец, Македонец, Кинез или нешто друго. Секој има право слободно да ја изрази својата национална припадност. Но, вие сте Албанец сè до моментот кога треба да конкурирате за директор на институцијата“, рече Спасовски.

Според него, суштинското прашање не е националната припадност на Гајдов, туку дали при неговото вработување биле манипулирани фактите.

„Тоа што тогаш сте биле примени во време на СДСМ не е важно. Ниту партиската припадност е важна. Важно е дали сте ги манипулирале фактите во врска со вашето вработување. Тоа е клучното прашање“, порача Спасовски.

Тој оцени дека ваквите дилеми го отвораат и прашањето за кредибилитетот на раководството на институцијата која во своето работење треба да промовира транспарентност, ефикасност и институционален интегритет.

Спасовски најави дека ќе отвори и дополнителни прашања поврзани со конкретни предмети и постапки на Агенцијата.

Тој посочи дека Гајдов, пред да стане директор, бил претседател на Прекршочната комисија во Агенцијата, најавувајќи дека ќе се осврне и на постапувањето по одредени предмети.

Обвинувањата што ги изнесе Спасовски се негови тврдења изнесени во рамки на собраниската расправа и за нив е релевантен и одговорот на директорот Гајдов.