
Осум граѓански организации повторно бараат Владата на Република Северна Македонија итно да го разгледа официјалното барање за утврдување одговорност и разрешување на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ.
Барањето беше поднесено по неговата јавна објава со која се величаат четничкото движење и лица меѓу кои е Ратко Младиќ, правосилно осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.
На нашето писмо одговорија сите три релевантни меѓународни партнери до кои се обративме. Мисијата на ОБСЕ во Скопје соопшти дека во моментов нема намера за натамошен ангажман со Агенцијата и дека случајот ќе го достави до Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства.
Советот на Европа нагласи дека не може да дозволи неговите активности да бидат сфатени како легитимирање на негирањето, релативизирањето или величањето на лица осудени за геноцид и воени злосторства. Прашањето за натамошната соработка со Далибор Китановиќ е покренато и пред раководството на Организацијата.
Делегацијата на Европската Унија потврди дека својот став веќе им го пренела на надлежните власти и порача дека величањето воени злосторници нема место во земјите што припаѓаат на ЕУ или се стремат кон членство.
Истовремено, во Европскиот парламент се одржа пленарна дебата за величањето на Ратко Младиќ, од која беше испратена јасна порака дека таквите појави се неспоиви со европските вредности и со обврските на земјите кандидати.
Северна Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, има дополнителна политичка и институционална обврска да не толерира министри, директори и други носители на јавни функции кои го негираат или релативизираат геноцидот во Сребреница и величаат правосилно осудени воени злосторници.
И покрај сериозноста на случајот и реакциите на меѓународните институции, Владата сè уште не одговорила на нашето официјално барање. Поминаа неколку владини седници, но јавноста а ниту ние како подносители не барањето, не сме информирани дека барањето било разгледано или дека за случајот воопшто се разговарало.
„Како граѓанка на оваа држава, длабоко сум разочарана од молкот на Владата. Очекував претседателот на Владата и секој нејзин член, во рамките на своите надлежности, да иницираат постапка за утврдување одговорност и разрешување на директорот. Самиот факт што Мисијата на ОБСЕ, Советот на Европа и Делегацијата на Европската Унија ја препознаа тежината на случајот и презедоа чекори и лично не информираа, додека нашата Влада не превзеде никакви постапки кон нашето барање за разрешување. Бараме јавно и официјално превземање на институционална одговорност, почитување на жртвите на геноцидот и заштита на достоинството на заедниците чии права оваа Агенција е должна да ги унапредува и штити. Ако Владата навистина е посветена на европската интеграција, тоа мора да го покаже со конкретно постапување“, изјави Мерсиха Смаиловиќ една од потписничките на барањето за разрешување.
Од Владата бараме веднаш да го стави нашето официјално барање на дневен ред, да ја утврди политичката и институционалната одговорност на директорот и да покрене постапка за негово разрешување. Владата мора јавно и недвосмислено да соопшти дека негирањето на геноцидот и величањето на осудени воени злосторници се неспоиви со вршењето јавна функција.

