Skip to main content
Македонија

Во Штип одбележан денот на Вториот пешадиски баталјон

17/09/2026  15:01

Во касарната „Јане Сандански“ – Штип денеска беше одбележан денот на Вториот пешадиски баталјон. По тој повод, командантот на Вториот пешадиски баталјон, потполковник Ристо Стоев, истакна дека со особена чест и гордост го одбележуваат овој ден, кој потсетува на историјата, традицијата и на генерациите припадници кои со својот труд, храброст и пожртвуваност го граделе патот на единицата. Посочи дека корените ги наоѓаат во 14. младинско македонска народноослободителна ударна бригада „Димитар Влахов“.

– Токму на 17 септември 1944 година, во селото Митрашинци, Беровско, е формирана оваа бригада, составена од речиси 700 борци, главно младинци од Беровско, Делчевско, Кочанско, Радовишко и Штипско. Таа била дел од борбениот состав на Народноослободителната војска на Македонија, а подоцна и на 48. македонска дивизија. Како единица што ги продолжува и негува борбените традиции на оваа славна бригада, денес со особена почит се навраќаме на нејзиниот борбен пат, на храброста и пожртвуваноста на нејзините припадници и на нивниот придонес во завршните операции за ослободување на Македонија – рече Стоев.

Тој се осврна и на почетоците посочувајќи дека од првите години на Армијата единицата минува низ разни организациски трансформации, постојано градејќи ги својот идентитет, својата обученост и својата оперативна способност. Од 1996 година го носи препознатливото име „Скорпиони“ – име кое низво текот на годините прерасна во симбол на припадност, борбен дух и професионализам.

– „Скорпиите“ не се само име. Тие се симбол на карактер. Симбол на единица што знае да биде трпелива кога треба, одлучна кога е потребно и силна кога задачата го бара тоа. Во текот на годините единицата „Скорпии“ ја потврдува својата вредност на домашен терен, но и во многубројни меѓународни вежби и операции, градејќи интероперабилност со сојузничките армии и потврдувајќи дека професионализмот и подготвеноста немаат граници. Токму затоа мотото „Чест и сила“ за нас не е само натпис. Тоа е начин на служба, начин на однесување и обврска кон единицата и кон оние што доаѓаат по нас – потенцира Стоев.

Во чест на 30 години од постоењето на името на единицата „Скорпии“, тој им оддаде признание и благодарност на сите поранешни припадници на Вториот пешадиски баталјон, кои со својата несебичност, пожртвуваност и професионализам дадоа значаен придонес во градењето, развојот и афирмацијата на единицата.

– Изминатата година за припадниците на Вториот пешадиски баталјон беше година на интензивна обука, посветена работа и постојано унапредување на борбените способности. Од тактичките активности и ситуациско-тактичките вежби, преку специјалистичката и функционалната обука, па сè до подготовките за НАТО-оценувањето, секоја активност имаше една цел – да бидеме подобри, пооспособени и подготвени за мисијата што ни е доверена. Особено значаен беше периодот на подготовка за вежбата „Блесок 26“. Се работеше на усовршување на тактиките, техниките и процедурите, на координацијата меѓу единиците и на усогласувањето со НАТО-стандардите. Во април, преку реализацијата на „Блесок 26“, припадниците на баталјонот, како јадро на Лесната пешадиска баталјонска група, имаа можност практично да го покажат она за што се обучуваа и подготвуваа. Успешното завршување на НАТО-оценувањето на борбената готовност и потврдата дека Лесната пешадиска баталјонска група е борбено подготвена за извршување на својата мисија претставува признание за вложениот труд на секој припадник – истакна Стоев.

Дејан Чиплаковски, бригаден генерал, најави дека до крајот на годината продолжуваат со подготовките за вежбата „Блесок 27“, која ќе се реализира во 2027 година и ќе биде најголема меѓународна вежба која досега е реализирана на територијата на Македонија.

​- Вие, како јадро на Лесната пешадиска баталјонска група, заедно со делови од другите единици од бригадата, ќе бидете директни учесници на вежбата. Тоа повторно ќе биде круна на вашата пожртвуваност и посветеност, со што уште еднаш ќе докажеме дека сме рамо до рамо со другите НАТО-сојузници – рече Чиплаковски.

Порача дека војничката професија е тешка и ризична, бара многу одрекувања и жртви, но, од друга страна, е благородна и достоинствена.

– Затоа ве охрабрувам да продолжите напред. Со несебичен ангажман и максимална посветеност, заедно со другите единици од бригадата, секогаш да бидеме подготвени да застанеме на браникот на татковината. Да ја сакаме и чуваме Македонија и да бидеме гарант дека можеме да се справиме со секој предизвик кој ја загрозува безбедноста на граѓаните – нагласи Чиплаковски.