
Пишува: Фатмир Битиќи, пратеник
„Државата настанува заради животот, но постои заради добриот живот.“
Аристотел, „Политика“
Мудроста содржана во оваа мисла нè потсетува дека државата не е цел сама за себе. Нејзината најдлабока смисла не се исцрпува во државните симболи и институционалната фасада, туку во човекот, во неговото достоинство, сигурност, слобода и можност да живее живот што не е сведен на преживување, чекање и разочарување.
Триесет и пет години по 8 септември 1991 година, Македонија има причина за достоинствено сеќавање, но нема право на самозадоволство. Денот беше историски чин, мирен премин кон сувереност во време кога регионот тонеше во распад, војни и национални трагедии. Се избра независност без разурнување, се создаде цивилизациски капитал и надеж дека една мала држава може да се роди со демократска волја, а не со насилство.
Но, секој голем датум има и недовршена страна. Осми септември ја отвори вратата кон меѓународно-правна самостојност, но уште тогаш постоеше отворено прашањето: како независна Македонија ќе стане еднакво заедничка за сите нејзини граѓани. Не е во прашање слабост на независноста, туку нејзина морална задача. Суверенитетот беше прогласен во еден ден, додека пак заедничката припадност требаше да се создава со години, преку доверба, праведност и инклузивни институции што не прават разлика меѓу „наши“ и „ваши“. Во овој став се содржани и контурите на моето разбирање на политиката како должност да се прошири просторот на достоинството, односно како исполнување на вредносна обврска кон човекот. На овој хоризонт се наоѓаат и моите политички убедувања државата да биде праведна за да биде силна, инклузивна за да биде стабилна и солидарна за да биде човечна.
Нашата државна приказна е приказна за недовршена институционална зрелост. Станавме членка на НАТО, изградивме меѓународна позиција и поминавме низ кризи, блокади, договори, разочарувања и надежи. Но, довербата меѓу граѓанинот и институцијата остана кревка и кршлива. Различноста не се претвори во целосно споделена политичка заедница. Економијата не произведе доволно висока додадена вредност, продуктивност и достоинствен живот. Образованието и здравството не станаа цврсти темели на човечкото достоинство и развој. А развојот не е само раст на бројки или статистички изрази, тој е проширување на човечките способности и слободи.
Во отсуство на морална и вредносна вертикала на системот, талкавме низ годините и премногу често ја мешавме формата со суштината. Имавме, и сè уште имаме, закони без претензија за еднаква правда и правичност, институции кои се ранливи на партиско влијание, политички договори без доволно длабоко чувство за општествена кохезија. Европа ја изговаравме често, но европското владеење не секогаш го живее(в)ме дома. Сметам дека Македонија не заостанува поради недостиг на потенцијал, туку поради хронична неспособност тој потенцијал да се ослободи од краткорочност, партизација, етноцентризам и институционална инерција.
Мултиетничноста останува првиот голем испит на нашата државност. Оваа земја не може и не смее да биде сведена на еден, на исклучив начин поставен, идентитетски тон. Нејзината реалност е составена од повеќе јазици, култури, историски чувствителности и идентитетски искуства. Оваа сложеност можеше да биде нејзината најголема предност, посебен демократски капитал и редок цивилизациски дар. Наместо различностите да се постават како извор на политичка зрелост, премногу зачестено се инструментализираа како средство за мобилизација на страв, изборна суровина и алатка за преговарање околу функции, позиции и влијание.
Вистинската општествена кохезија не се создава со пребројување, таа бара меѓусебна доверба и почит. Заедничка држава нема таму каде што едни се чувствуваат како природни сопственици, а други како привремени, често и непожелни, гости. Национал-романтичниот национализам не може да биде развојна стратегија, затоа што тој присвојувајќи ја историјата, нема развоен капацитет да јаорганизира иднината. Создава чувство на симболичка победа, но не создава конкурентна економија, функционално здравство, модерно образование или независно судство. Патриотизмот во 21 век не се мери со тоа кој погласно зборува за народот, туку кој создава држава во која граѓаните живеат подобро, поправедно и послободно.
Економската приказна е вториот голем незавршен испит на нашата татковина. Повеќе од три децении не ни се доволни за да создадеме витална економија која е доволно силна да создава конкурентна вредност од приватниот сектор. Предолго останавме заглавени во етатистички модел на 20 век, во кој државата е главен економски актер, инвеститор, нарачател и често главен извор на деловна сигурност. Во оваа централизирана економска архитектура, бизнисот не може да се натпреварува преку знаење, иновација, извоз, продуктивност и квалитет, туку преку близина до буџетот, јавните набавки и политичките центри на одлучување.
Бројките го покажуваат она што граѓаните одамна го чувствуваат во својот живот. Македонија останува на околу 42% од просекот на ЕУ според БДП по глава на жител во куповна моќ. Продуктивноста по вработен е речиси заглавена, ако во 2011 година таа изнесувала околу 45% од просекот на ЕУ, во 2022 година таа е околу 44%. Во платите, јазот е уште поболен. Просечната плата за полно работно време во ЕУ изнесува околу 3.300 евра месечно, додека просечната нето-плата во Македонија се движеше приближно од 700 до 760 евра месечно. Ова не е само статистички диспаритет, станува збор за разлика во животни хоризонти, во можност за планирање и во способност секојмлад човек да остане дома без да се чувствува казнет од географијата на местото на живеење.
Кога една економија предолго останува далеку од европската продуктивност и европските плати, јавниот долг станува огледало на развојната зрелост и ја откриваморалната анатомија на државата. Македонија од наследените обврски на почетокот на независноста стигна до јавен долг од околу 10,7 милијарди евра на крајот од вториот квартал на 2026 година. Тоа е приказна за три и пол децении во кои премногу често се задолжувавме побрзо отколку што создававме вредност. Долгот сам по себе не е грев, но грев е кога не создава иднина.
Доаѓаме и до двете места каде државата најдиректно го допира човекот, тоа се здравството и образованието, кои ја мерат цената на државниот (не)успех.
Денес здравството функционира како систем во кој пациентот не бара само лек за својата мака, туку бара патека да се пробие низ институционален лавиринт од термини, упати, чекање, непланирани трошоци, исцрпени лекари и установи што не создаваат доволно сигурност. Болна слика во која човекот во најтешкиот момент се чувствува оставен сам.
Образованието ни остава во наследство уште еднаподлабока рана, во која се губи сегашноста, а се троши иднината. Резултатите од ПИСА тестовите ни поставија вознемирувачка дијагноза за функционалната (не)писменост на општеството во кое само 26% од учениците достигнале најмалку основно ниво на читање. Што значи дека имаме систем кој не успеал голем дел од младите да ги подготви за современ пазар на труд, за критичко граѓанство, ниту за демократска отпорност во време на дезинформации, популизам и евтини политички манипулации.
Кризата, за жал, не завршува во училишните клупи, подеднакво остро и разурнувачки е во налет и науниверзитетите, каде што Македонија премногу долго живее со болната вистина дека високото образование не произведува доволно меѓународна научна видливост, истражувачка тежина и академска конкурентност. Вистината е едноставна, на Шангајската листа немаме ниту еден универзитет меѓу првите 1000. Поразителна слика за високото образование кое предолго време се самозалажува со провинциска важност на својата потпросечност.
Затоа Националната развојна стратегија(НРС) 2024–2044 за мене не беше уште еден тековен административен документ, туку обид државата конечно да се погледне во огледало без шминка и без изборна пресметка. Таа беше лична и политичка заложба Македонија да почне да размислува како сериозна држава, за период подолг од еден мандат, пошироко од една влада и подлабоко од потребите на дневната политичка пропаганда. Овој процес беше важен затоа што се направи своевиден преседан од аспект на инклузивноста која беше постигната, односно во нејзинотосоздавање беа вклучени илјадници граѓани, млади, експерти, академска заедница, граѓански сектор, бизнис и политички партии. Затоа НРС не беше документ на една влада, тоа беше прв обид да се создаде заеднички државен договор за иднината: економијата, образованието, здравството, дигитализацијата, демографијата, регионалната рамнотежа, зелената транзиција, социјалната правда и институционалниот капацитет да не се третираат како одвоени ресори, туку како делови од истата развојна судбина.
Поради државничкиот дефицит на актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, НРС две години се маргинализира, се отфрла идејата дека на нашата земја ѝ е потребен долгорочен развоен компас. Кога таков документ се потиснува на страна, владата почнува да ја губи способноста да мисли подолго од еден мандат. А реалноста веќе ни ја испорачува цената на таа кратковидост, не предупредува многу болно и јасно. Пред нас стои опасност Македонија да се испразни, без драматичен звук, но со длабоки последици. На почетокот на учебната 2025/2026 година имавме 17.921 првачиња, а оваа учебна година2026/2027 имаме 14.952 запишани првачиња, 433 паралелки помалку и затворени 26 подрачни училишта поради падот на бројот на деца. Сите овие испразнети училници се најтажниот доказ дека државата ни ја губи животната енергија и дека развојот не може да се одложува бесконечно.
Мојот одговор е критичен, но не е безнадежен. Македонија, во суштина, не е сиромашна со можности, сиромашна е со доследност. На нашата татковина не ѝ недостигаат луѓе, знаење, културна длабочина и искуство на соживот, она што ѝ недостига е политичка зрелост тој потенцијал да го стави над партиските калкулации, личните интереси и краткорочната корист. Потребен ни е вредносен пресврт што ќе ја врати државата таму каде што мора да припаѓа, а тоа е кај граѓаните, кај јавниот интерес, кај правдата, кај знаењето и достоинството. Притоа, различноста не смее да биде простор за страв, националистичка мобилизација и пазарење, таа мора да стане култура на заемна почит, институционална еднаквост и заедничка припадност.
На крајот, сè се сведува на совеста како најдлабока внатрешна мерка на државноста, како израз на нејзината способност да се погледне себеси без самоизмама и да се самоограничи кога моќта може да стане самоволие. Ако 8 септември 1991 година беше денот кога Македонија ја доби својата самостојност, тогаш триесет и пет години подоцна нашата задача е да ѝ дадеме подлабока смисла: како заеднички дом во кој Европа се живее дома, различноста се претвора во сила, инклузивноста во вредносна обврска, а достоинството на човекот останува првата и последната причина за постоењето на државата.
Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.


