
Министерството за внатрешни работи веќе располага со првични информации и обезбедени докази за сторителите на синоќешното убиство на 26-годишниот А.М. во скопската населба Чаир, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување на телевизија Канал 5.
Тошковски откри дека еден од осомничените учесници во инцидентот е лице кое во моментов се наоѓа на издржување затворска казна. Според министерот, овој факт отвора сериозни прашања за функционирањето на пенитенцијарниот систем, а МВР и Јавното обвинителство ќе испитуваат како лице кое издржува затворска казна се доведува во врска со ваков кривично-правен настан.
Крвавиот инцидент се случи синоќа околу 23:30 часот, во близина на раскрсницата меѓу улиците „Прохор Пчински“ и „Војдан Чернодрински“ во Скопје.
Според информациите од МВР, две лица кои се движеле со мотоцикл отвориле оган кон група од петмина млади кои стоеле пред излог на фирма.
Во пукањето бил погоден 26-годишниот А.М. од Скопје. Тој бил пренесен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде што подоцна им подлегнал на повредите.
Според досегашните сознанија на истрагата, случајот не се поврзува со пресметка меѓу организирани криминални групи за превласт на теренот. Мотивите за нападот и сите околности кои му претходеле сè уште се утврдуваат.
Тошковски посочи дека особено внимание ќе биде посветено на информацијата дека едно од лицата поврзани со случајот е затвореник.
Министерот истовремено ги отфрли споредбите што се појавија на социјалните мрежи дека Скопје наликува на „Дивиот Запад“. Според него, бројот на насилни кривични дела и активностите на криминалните групи се драстично намалени во споредба со претходните периоди, иако призна дека ваквите случаи предизвикуваат оправдана загриженост кај граѓаните.
Тошковски порача дека никој не е недопирлив и најави брза и ефикасна истрага со цел сите одговорни за убиството да бидат пронајдени и изведени пред лицето на правдата.
Истрагата на МВР и Јавното обвинителство продолжува, а надлежните работат на целосно расчистување на случајот и утврдување на улогата на сите лица кои биле вмешани во инцидентот.

