Skip to main content
Македонија

Новинарка побара одговор за цената на Дејвид Гета – Милошески: Дали ти изгледам како идиот?

07/09/2026  18:29

Сопственикот на „Авалон продукција“, Бобан Милошески, остро реагираше на новинарско прашање за финансиската конструкција на концертот на светски познатиот диџеј Дејвид Гета, кој е дел од одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија.

На прес-конференција посветена на организацијата и безбедносните протоколи за концертот, новинарката на „Слободен печат“, Мирослава Симоновска, го праша Милошески зошто досега во јавноста не е објавена сумата од договорот и дали постои клаузула што го спречува нејзиното објавување.

„Дали ти изгледам јас како идиот? Јас кажав за што е пресот, имате да поставите прашање во контекст на пресот?“, возврати Милошески.

Откако новинарката посочи дека токму тоа е нејзиното прашање, сопственикот на „Авалон“ рече дека прес-конференцијата е организирана за теми поврзани со безбедноста и организацијата на концертот, а дека одговор за финансискиот дел треба да даде Владата.

Според него, прашањето за трошоците веќе било поставувано на претходни прес-конференции и било упатено до владините претставници.

„Јас не сум тој што треба да одговори на ова прашање, јас сум организатор на концертот на Дејвид Гета“, рече Милошески.

Тој дополнително го оцени прашањето како „провокација“, посочувајќи дека веќе било кажано кога ќе биде објавена сумата за целокупната манифестација.

„Најкултурно и најљубезно ве замолив да пропагирате да помине ова што е можно подобро и сметам дека нема потреба за ваква провокација“, изјави Милошески.

Концертот на Дејвид Гета во Националната арена „Тодор Проески“ треба да биде завршница на повеќенеделната програма за одбележување на 35 години од независноста на државата.

Во рамките на прославата се одржаа повеќе настани, меѓу кои и концерт на шпанскиот тенор Хозе Карерас со македонски музички изведувачи, како и мјузикл кој беше прикажан во 11 градови.

Досега Владата не ја соопшти вкупната сума што ќе ја чини организацијата на настаните за одбележување на 35-годишнината од независноста. Претходно владината портпаролка Марија Митева изјави дека Владата нема што да крие во однос на организацијата и дека финансиските детали ќе бидат објавени откако ќе завршат најавите за сите настани.