Skip to main content
Свет

Македонец убиен во Берлин – двајца го следеле, па отвориле оган

07/09/2026  23:44

Дваесет и седумгодишен маж од Македонија е застрелан и убиен во Берлин во раните утрински часови во понеделникот, јавуваат германските и албанските медиуми.

Убиството се случило околу 2:40 часот, на раскрсницата меѓу улиците „Планетенштрасе“ и „Зоненалее“, во берлинската населба Нојкелн.

Според информациите на берлинската полиција, кон 27-годишниот маж биле испукани повеќе куршуми. Тој бил тешко ранет, а полицајците и екипите на Итната помош веднаш започнале со реанимација. И покрај обидите да му го спасат животот, младиот човек починал на местото.

Регионалните медиуми пренесуваат дека жртвата потекнувала од Радуша. Според нивните информации, двајца мажи го следеле 27-годишникот, по што кон него биле испукани повеќе куршуми. Еден од проектилите, според медиумските извештаи, го погодил во пределот на главата.

Напаѓачите веднаш по пукањето побегнале и германската полиција сè уште трага по нив. Засега официјално не се соопштуваат информации за нивниот идентитет.

На местото на убиството бил извршен детален увид, при што истражителите ги обезбедиле и анализирале пронајдените чаури. Според медиумските информации, за детално документирање на местото бил употребен и 3Д-скенер.

Истрагата ја презела Петтата комисија за убиства при берлинската криминалистичка полиција, по налог на Обвинителството во Берлин. Мотивот за ликвидацијата засега останува непознат, а се испитува и можноста во нападот да биле вмешани повеќе лица.

Берлинската полиција во официјалното соопштение не го објавила идентитетот на жртвата, ниту дополнителни информации за можната заднина на убиството.