
Соопштение за јавност на Левица:
На 29 јуни од Центарот за јавно здравје Тетово, со потпис на потпис на Берун Мустафа, излегува стручно мислење дека водата „одговара на законските и стручните прописи”. Во тој момент, и според подоцнежната обвинителска истрага, спорните пумпи веќе биле поставени и загадена вода веќе влегувала во водоснабдителниот систем. На 13 јули следува уште едно зелено светло дека водата е безбедна. Само еден ден потоа почнува масовниот прилив на луѓе со дијареја, повраќање, температура и истоштеност.
До денес никој од здравствениот синџир, што требало да биде последната брана пред катастрофата, не понесе и нема најава дека ќе понесе соодветна одговорност.
Наместо итни разрешувања, суспензии, дисциплински постапки и внатрешна ревизија до последниот лабораториски запис, се молчи. Никој јавно не објасни кој ја зел мострата, од која точка, во кој час, како била транспортирана, кои параметри биле испитани, кој ги верификувал резултатите и како таков печат завршил врз документ што на цел град му создал лажна сигурност. Во нормален систем, ваков скандал би предизвикал земјотрес, но кај ДПМНЕ, очигледно, ни два извештаи што ја промашиле реалноста за опасност по јавното здравје не се доволни некој конечно да стане од фотелја.
Институтот за јавно здравје не може да се сокрие зад ЦЈЗ Тетово како зад туѓа институција. Законот изречно утврдува дека центрите за јавно здравје ја сочинуваат Мрежата за јавно здравје, а нивната стручна работа ја координира токму ЈЗУ Институт за јавно здравје. Значи, кога од ЦЈЗ Тетово двапати излегуваат извештаи што на гостиварци им даваат уверување дека водата е безбедна, а потоа се открива катастрофална контаминација и масовно заболување, тоа е пробив низ целиот систем на стручна контрола. Марија Андоновска не раководи со институција што стои на страна и постфестум ги брои последиците, туку со националниот центар кој по закон ја координира стручната работа на центрите за јавно здравје.
ЦЈЗ Тетово не е институција врз која Клековски нема никаква надлежност. Напротив, Законот за здравствената заштита му го става кадровскиот клуч директно во рака – министерот за здравство го именува и го разрешува директорот. Откако испливаа двата скандалозни извештаи од 29 јуни и 13 јули, прашањето повеќе не е што знаел Клековски, туку што презел. Зошто не иницирал утврдување одговорност и разрешување на раководството на институцијата што двапати ставила печат дека водата е безбедна?
Никаде го нема ниту Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Повеќе од три недели подоцна, јавноста сè уште нема одговор што направило Обвинителството со најмалку двата спорни извештаи што ја прогласиле водата за безбедна, со нивните потписници, раководството на установите под чија капа се издадени и со целиот контролен синџир што бил должен да ја препознае и запре опасноста.
Медиумите ги објавија документите, новинарите ја разобличија фрапантната противречност, а Обвинителството и понатаму не покажува ист интензитет во расчистувањето на овој дел од случајот.
Левица бара утврдување на лична одговорност на сите што учествувале во изготвувањето на ваквите извештаи, во одобрувањето и надзорот, како и итна постапка за раководните лица во институциите што потфрлиле. Додека тоа не се случи, секое уверување дека системот функционира е неубедливо, затоа што систем што не утврдува одговорност по ваква незамислива катастрофа – само ја подготвува следната.

