
Тројца жители на Зелениково се приведени по инцидент во кој, според пријавите во полицијата, имало закани со остар и стаклен предмет, оштетување автомобил и прегазување на стапала со возило.
Како што соопшти МВР, вчера во 07:30 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода А.Н.(37), В.Д.(46) и А.Д.(21), сите од Зелениково.
Полицијата постапувала по претходна пријава од А.Н., кој навел дека на 11 август околу 21 часот во Зелениково, В.Д. и А.Д. му се заканувале со остар предмет, по што му го оштетиле возилото. Во инцидентот А.Н. се здобил и со повреди.
Но, само два часа подоцна бил пријавен и друг инцидент меѓу истите лица. В.Д. пријавил дека околу 23 часот А.Н. му се заканувал со стаклен предмет, а потоа со патничко возило му ги прегазил стапалата.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

