Skip to main content
Македонија

Почина пациент заразен со западнонилски вирус

12/08/2026  15:41

Почина 83-годишен пациент кој бил заразен со вирусот на западнонилска треска. Според информациите, пациентот имал и повеќе хронични заболувања.

Смртниот случај доаѓа во период кога во Скопје е регистриран зголемен број заболени, а Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје – Скопје прогласија епидемија на западнонилска треска во повеќе делови од главниот град.

Според информациите, епидемијата е прогласена на подрачјата на Кисела Вода, во реонот на Пржино, како и во Аеродром, Бутел, Гази Баба, Илинден, Драчево, Идризово, Јурумлери и Трубарево.

Во моментов Институтот за јавно здравје има регистрирано 26 случаи, од кои кај 24 лица е потврдено присуството на вирусот. Од регистрираните случаи, 25 се од Скопје, додека еден пациент е од Велес.

Најголем дел од заболените се повозрасни мажи над 60-годишна возраст, кои претежно извршувале земјоделски и градинарски активности во приквечерните и раните утрински часови – период кога комарците се особено активни.

Состојбата кај дел од пациентите е сериозна. На Клиниката за инфективни болести досега биле регистрирани 29 пациенти, а петмина се во тешка здравствена состојба и се на механичка вентилација.

Од Министерството за здравство во текот на денот се очекуваат дополнителни информации за состојбата на останатите пациенти, како и податоци дали се регистрирани нови случаи на инфекција.

Надлежните здравствени институции препорачуваат зголемено внимание, особено кај повозрасните лица и лицата со хронични заболувања, кај кои постои поголем ризик од развој на потешка форма на болеста.

Западнонилскиот вирус најчесто се пренесува преку каснување од заразен комарец. Кај најголем дел од заразените инфекцијата може да помине без симптоми или со поблага клиничка слика, додека кај дел од пациентите може да дојде до посериозни компликации.

Здравствените власти апелираат граѓаните да преземат дополнителни мерки за заштита од каснување од комарци. Се препорачува поставување заштитни мрежи на прозорците и вратите, употреба на репеленти и избегнување подолг престој на отворено во периодот околу зајдисонце и во раните утрински часови.

Според досегашните податоци, во последните 15 години во Македонија биле регистрирани пет смртни случаи поврзани со западнонилската треска.