Skip to main content
Свет

Путин најави реципрочни мерки доколку ЕУ почне да конфискува руски бродови од „флотата во сенка“

12/08/2026  14:39

Москва ќе возврати доколку западните земји запленат руски трговски бродови – изјави рускиот претседател Владимир Путин, пренесе новинската агенција ТАСС.

– Ако овие планови бидат спроведени, ќе мораме да возвратиме на ист начин – рече Путин, реагирајќи на мерките што ги одобри Европската Унија, а кои им овозможуваат на земјите-членки да го конфискуваат и продадат товарот од руските бродови од т.н. „флота во сенка“ кои ги прекршуваат санкциите воведени поради агресијата врз Украина.

Шефот на руската држава истакна дека Русија ќе возврати со иста мерка не само во областите каде што би можеле да бидат запленети нејзини бродови, „туку и таму каде што ќе смета дека е неопходно, вклучително и во зоната на одговорност на Пацифичката флота“.

– Министерството за одбрана веќе доби соодветна наредба, а за тоа е известена и командата на Пацифичката флота, па очекувам предлози во врска со тоа – порача Путин од Сахалин, во обраќањето до припадниците на Воената морнарица.

Тој додаде дека Русија, иако настојува да ја зајакне државната безбедност, и натаму е подготвена да бара „взаемно прифатливи компромиси со своите соседи и пријатели“.

– Подготвени сме на тоа врз основа на почитување на меѓусебните интереси – истакна рускиот претседател.