
Според урбанистичко планската документација на Град Кочани од 1998 до денеска и согласно Законот за градење на предметната локација на која функционира објектот дискотека/кабаре „Пулс” не е дозволена пренамена од индустриски објект во објект за вршење угостителска дејност, додека од 2012 година инвеститорот почнува дел од објектот да го користи за намена дискотека/кабаре што е спротивно на ДУП и законската легислатива за урбанистичко планирање и градење – изјави вештото лице Душица Трпчевска Ангелковиќ, денеска во судницата во „Идризово“ на судењето за пожарот во кочанската дискотека, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Обвинителот Дарко Јакимовски, на почетокот посочи дека градежното вештачење е составено од повеќе области и денеска се продолжува со аспекти поврзани со урбанизмот и сослушување на вештото лице Душица Трпчевска Ангелковиќ, член на тимот што учествувал во изработка на градежното вештачење.
Во однос на урбанистичкото планирање за објектот, вештото лице посочи дека зоната Г10 на Град Кочани, каде се наоѓа дискотеката, од првиот план детален Урбанистички план донесен 1998, како и последниот што е на сила донесен во 2013, не се менува и е наменета за лесна индустрија и мало стопанство.
– Од намената на објектот зависат сите останати параметри, како што се површина, височина, катност, позиција, пристап и паркирање. Од намената на објектот зависат неговите конструктивни, функционални и безбедносни барања кои градбата мора да ги задоволи – изјави Ангелковиќ.
Согласно Законот за градење, член 97, секој објект се користи за намената за која е предвиден и изграден.
– Конкретно објектот во која била сместена дискотеката или кабаре „Пулс“ е составена од две згради, од кои зграда 1 е изградена 1998 врз издадено одобрение за градба на деловно производен продажен објект. Зграда 2 е изградена без одобрение за градење и во 2011 година е легализирана со намена за лесна и незагадувачка индустрија. Во 2012 година објектот се употребувал согласно намената од ДУП. Од 2012 година инвеститорот почнува дел од објектот да го користи за намена дискотека/кабаре што е спротивно на ДУП и законската легислатива за урбанистичко планирање и градење – појасни Ангелковиќ.
И согласно Урбанистичкиот план од 2013 намената, вештакот нагласи дека намената на објектот е Г3 – сервиси, а во компатибилни намени се Б1, Б2, Б4, Д2, Д3, Д4, Г2, Г4 и Е2 и ја нема намената Б3 која се однесува на големи угостителски објекти во кои спаѓаат и дискотеки и кабаре клубови.
– Според урбанистичко планската документација на Град Кочани од 1998 до денеска и согласно Законот за градење на предметната локација на која функционира објектот дискотека/кабаре Пулс не е дозволена пренамена од индустриски објект во објект за вршење угостителска дејност – изјави вештакот.
Легален пат за отворање на дискотека, појасни вештакот било да се поднесе иницијатива за измена на ДУП до Општина Кочани и да се предвиди како основна или компатибилна намената Б3. Следен чекор е да поднесе барање за пренамена на објектот во намена Б3 до Општина Кочани, изработка на основен проект за пренамена во кој ќе се вклучат сите барања за минимално технички услови кои објектот треба да ги исполни согласно Закон за угостителска дејност или да се отвори дискотека во друг објект во зона со намена Б3.
-Наместо да избере една од овие две легални можности, инвеститорот се одлучува да изврши нелегална пренамена на дел од објектот, постапувајќи спротивно на ДУП-от и регулативата – изјави вештакот.
Прашана дали општината можела да реагира и на кој начин, кога веќе се вршела угостителска дејност дискотека во овој објект, вештакот рече дека Законот за градење покрај другото го уредува и начинот на употреба на објектите, а станува збор за објект од втора категорија, односно од локално значење и одобренија ги издава општината, значи дека општината е повикана да постапува по надлежноста, а тоа е да контролира дали објектот се употребува согласно даденото одобрение за градење и употреба.
-Реакцијата би била преку надлежните служби. Тоа се инспекциските служби, кои доколку констатираат дека на некој објект е извршена нелегална пренамена имаат право на сопственикот да му наложат да го врати објектот во првобитната состојба- појасни вештакот.
На прашање дали бидејќи веќе била издадена лиценца за дискотека/кабаре, дали тоа значи дека општинските инспекциски служби не можеле да реагираат, вештакот појасни дека тоа не е условено едно со друго.
– Овластувањата на градежната инспекција да реагира кога е извршена нелегална пренамена не е условена со издавање на било кој друг акт, без разлика дали е лиценца – појасни вештакот.
На прашање од обвинителот, да објасни како е можно во близина да има хотел, вештакот рече дека во ДУП-от постои парцела со намена Б5 – хотел, меѓутоа кај компатибилни намени графата е празна.
-Ова е затоа што овој објект постоел и функционира како хотел во време на изработка на ДУП-от и е евидентиран како постоечки и за овој објект планот не предвидува развој и проширување во планскиот период од пет години – изјави вештакот.
На минатото рочиште, судскиот вештак и професор на Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, кој во време на изработка на градежното вештачење бил декан на Градежниот факултет, изјави дека градежното вештачење недвосмислено покажало дека во „Пулс”, системот, односно институциите и поединците целосно не функционирале и не биле почитувани ниту стандардите, ниту регулативата, ниту процедурите.
Тимот вештаци од Градежниот факултет, како што рече Марковски, со жалење констатира дека од противпожарна заштита во објектот каде се наоѓала дискотеката „Пулс” биле преземени нула мерки. Прописни излези за евакуација од објектот имало нула, додека според површината на објектот капацитетот на гости бил 363, а критичната вечер имало над 600 посетители.
Со ова, како што е најавено, треба да заврши изведувањето на докази од Обвинителството.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.



