
Во текот на викендот, на подрачјето на Град Скопје биле спроведени засилени сообраќајни контроли, при што полицијата лишила од слобода вкупно 21 лице поради безобѕирно управување со моторно возило.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, лицата биле лишени од слобода по член 297-а од Кривичниот законик. Меѓу нив има и шест малолетни лица.
Покрај приведувањата, во рамки на контролите биле преземени уште 161 мерка согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила.
Од вкупниот број преземени мерки, 10 се однесуваат на лица кои управувале со лесни електрични возила.
Засилените контроли се спроведени на подрачјето на СВР Скопје во текот на викендот, со цел санкционирање на прекршувањата на сообраќајните правила и безобѕирното управување со возила.

