Skip to main content
Македонија

Левица: ДПМНЕ има повеќе советници за млади и демографија отколку какви било резултати – училиштата им се празнат оред очи

08/08/2026  12:47

Соопштение за јавност на Левица:

Додека вмровската пропаганда оди во една насока, а населението во друга, на ДПМНЕ му останува уште празните училишни клупи да ги прогласи за историски успех на Владата. Податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) вели дека во учебната 2025/26 имало 17.921 прваче. Актуелната бројка од уписите за новата генерација е 4.900 помалку. Преведено на јазик што не трпи партиски спин, тоа се околу 13.021 запишани деца и пад од 27,3%. За една генерација од училишниот праг исчезнува повеќе од една четвртина од бројот на првачиња што го имавме лани. 

Уште посурово изгледа кога бројките ќе се вратат до матичните книги. Во 2019 година се родиле 19.845 деца, а во 2020 година 19.031 односно само 814 помалку – пад од 4,1%. Наспроти тоа, актуелниот пад кај првачињата е 27,3% – околу 6,7 пати подлабок од падот меѓу двете родени генерации. Од 19.031 деца родени во 2020 до сегашните околу 13.021 запишани се отвора сериозен јаз од околу 6.010 деца, односно 31,6% од родената генерација. Тој јаз опфаќа миграција, поместувања поврзани со уписот и други демографски фактори, но една работа е математички јасна – разликата во наталитетот од 814 деца објаснува само мал дел од дупката од илјадници деца што денес ја гледаме во училиштата. 

Мицкоски во јануари зборува дека праќаат поголеми авиони бидејќи младите масовно се враќале дома засекогаш; во април зборува дека ќе дошло време младите да се враќаат дома; во мај од владина говорница самиот признава заминување на младите луѓе кои својата иднина ја бараат надвор од татковината, им порачува да не придонесуваат во туѓи економии и да сонуваат дома; во јуни за да ја оправда квотата на странски работници се побива себе и проценува дека за неколку години на Македонија може да ѝ недостигаат 150.000 до 250.000 луѓе и објаснува дека празниот простор што го оставаат ќе мора да го пополнуваат работници од трети земји. Во истиот период во јавноста беше пренесена и неговата изјава дека младите се враќаат во татковината. Значи според Мицкоски младите истовремено се враќаат, си заминуваат, ќе недостигаат стотици илјади и ќе треба некој од странство да ги замени. Државната политика им се претвори во дневен хороскоп, па прогнозата им се менува според потребата на прес-конференцијата. 

За оваа катастрофа ДПМНЕ има и импресивна кадровска сценографија. Има цело Министерство за социјална политика, демографија и млади, а има и дополнителен владин советник, партискиот кадар Влатко Ѓорчев, кој е национален координатор за демографија, млади и човечки ресурси. Во ресорното министерство има посебен советник за млади и демографски политики, демографија и миграција, државен советник за координација и развој на демографски политики, државен советник за демографија и миграции. Целиот овој административен ешалон функционира во држава каде во 2025 се родиле само 15.850 деца, а во првите три месеци од 2026 само 3.380 – нов пад од 4,1%, со природен прираст од минус 1.962 лица во еден квартал и негативен биланс во 66 општини. Полни кабинети со демографи, сè попразни породилишта и училници. 

И младите многу добро знаат зошто семејниот живот го планираат со авионска карта во џеб. 29,5% од децата во Македонија живеат под прагот на сиромаштија, а кај домаќинствата со двајца возрасни и три или повеќе издржувани деца стапката стигнува до морничави 54,8%. Тоа е материјалната подлога врз која ДПМНЕ држи лекции за семејството, патриотизмот и сонувањето дома. На млад човек му требаат плата од која се живее, достапни станови, функционално здравство, градинка, образование и чувство дека трудот му создава иднина, а Мицкоски му нуди говор дека треба посилно да ја сака татковината.

ДПМНЕ ја претвори демографијата во работно место за партиски координатори и советници, а иселувањето во тема за патриотски проповеди. Празните клупи покажуваат дека ДПМНЕ многу поуспешно произведува причини за заминување отколку причини за останување. Со ова темпо, најголемото достигнување на нивната “про-семејна” власт ќе биде едносменската настава затоа што за втора смена ќе нема деца.