
Последниот законски рок за завршување на истрагата против поранешниот вицепремиер Артан Груби истекува на 22 август, а доколку до тогаш не биде поднесено обвинение, можно е да му биде укината мерката куќен притвор.
По неговото враќање во земјата по 14-месечно бегство, Груби најпрво беше спроведен во притвор, но само неколку часа подоцна мерката беше заменета со куќен притвор. Сега, обвинителот од Основното јавно обвинителство Скопје има уште 17 дена да ја заврши истрагата и да донесе обвинителска одлука.
Од Основниот кривичен суд Скопје за СДК.МК појаснуваат дека доколку во законскиот рок не биде поднесено обвинение, куќниот притвор ќе биде укинат.
„Ако нема обвинение, куќниот притвор на осомничениот за кој прашувате му се укинува и Основниот кривичен суд Скопје по службена должност одредува мерка за обезбедување присуство. Најчесто тоа е одземање на патната исправа“, информираат од Кривичниот суд.
Артан Груби на 23 февруари 2026 година се врати во Македонија преку граничниот премин Блаце, со што беше ставен крај на неговото 14-месечно бегство во Косово.
Тој е осомничен во предмет поврзан со работењето на Државна лотарија, во кој истрагата се однесува на наводна проневера на околу 8,2 милиони евра. Исходот од истрагата и евентуалното поднесување обвинение до 22 август ќе биде клучно за натамошниот тек на постапката и за мерките што ќе важат за поранешниот вицепремиер.



