
Водата во Гостивар се уште не е безбедна за пиење и употреба, бидејќи е потврдено присуство на бактеријата Pseudomonas aeruginosa, која ја прави микробиолошки неисправна и претставува ризик за здравјето на граѓаните. Ова денеска го изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
„Постои присуство на Pseudomonas aeruginosa во водата за пиење. Овие бактерии ја прават водата микробиолошки неисправна и небезбедна за консумирање, бидејќи се опасни за здравјето, особено за лицата со ослабен имунитет“, изјави Ангелов.
Тој појасни дека бактеријата може да предизвика инфекции на кожата, очите и ушите, а кај почувствителни лица и инфекции на уринарниот тракт и белите дробови. Дополнително, посочи дека се карактеризира со висока отпорност на многу вообичаени лекови и антибиотици, што го отежнува лекувањето на евентуалните инфекции.
Во меѓувреме, за да се обезбеди вода за граѓаните, денеска се ангажирани три цистерни со питка и техничка вода.
„Една цистерна е од Територијалната противпожарна единица Гостивар, една од Бехтел и Енка и една од Општина Боговиње. Досега по двапати се упатени кон граѓаните, а до вечерва е планирано да извршат уште по два турнуса. Дистрибуцијата се врши во тесна координација со Општинскиот штаб за заштита и спасување на Општина Гостивар“, изјави Ангелов.
Надлежните апелираат граѓаните и понатаму да не ја користат водата од водоводната мрежа за пиење и подготовка на храна сè додека официјално не биде потврдено дека таа е здравствено исправна.



