Skip to main content
Македонија

Трет ден без вода во Трпејца среде туристичката сезона – Жителите револтирани

03/08/2026  00:27

Жителите на Трпејца реагираат дека веќе трет ден селото е без вода, и тоа во екот на туристичката сезона, кога бројот на посетители е најголем.

Според нивните тврдења, од ЈП „Водовод“ им било соопштено дека нема дефект на водоводната мрежа, туку дека причината за прекинот е зголемената потрошувачка на вода.

Жителите велат дека до нив стигнале информации оти повремено се исклучува струјата на пумпите со цел да се намалат трошоците за електрична енергија. Поради тоа, како што посочуваат, жителите и туристите веќе трет ден се без вода за пиење и за основните дневни потреби.

„Без вода сме веќе трет ден. Во сред туристичка сезона ова е недозволиво. Бараме надлежните веднаш да ја утврдат причината и да обезбедат редовно водоснабдување“, велат револтирани жители на Трпејца.

Жителите апелираат до надлежните институции и до ЈП „Водовод“ што поскоро да излезат со официјално објаснување за состојбата и да преземат мерки за нормализирање на водоснабдувањето.