
Епидемијата на ебола во Демократска Република Конго однесе повеќе од 1.000 човечки животи за нешто повеќе од два месеци, што ја прави една од најбрзо смртоносните епидемии на оваа болест досега, јавува Асошиејтед прес.
Според податоците на Министерството за здравство на Конго, од прогласувањето на епидемијата на 15 мај досега се потврдени 2.536 случаи на зараза, а починале 1.033 лица. Овие бројки предизвикуваат сериозна загриженост кај здравствените власти, особено ако се земе предвид дека за време на големата епидемија на ебола во Западна Африка во периодот од 2014 до 2016 година биле потребни осум месеци за бројот на жртви да достигне 1.000.
Најсмртоносната епидемија на ебола во историјата регистрираше повеќе од 28.000 заразени и над 11.000 починати лица во Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне, а имаше и изолирани случаи во САД и Европа.
Сегашната епидемија во Конго е предизвикана од вирусот Бундибугио – ретка варијанта на ебола за која во моментов не постои одобрена вакцина ниту специфичен третман. За разлика од неа, епидемијата од 2014 година беше предизвикана од најраспространетиот вид на вирусот, за кој подоцна беа развиени вакцини и терапевтски пристапи.
Во моментов, заразата е концентрирана во пет источни провинции на Демократска Република Конго, во близина на границата со Уганда. Иако засега не е регистрирано пошироко меѓународно ширење на болеста, експертите предупредуваат дека ситуацијата останува сериозна.
Стапката на смртност во тековната епидемија изнесува околу 40 проценти, што е слично на онаа од големата епидемија во Западна Африка, кога изнесуваше 39,6 проценти.
Здравствените власти посочуваат дека голем дел од смртните случаи се должат на доцното јавување на пациентите во здравствените установи. Дополнителна загриженост предизвикува фактот што многу новозаразени лица не биле идентификувани како контакти на претходно заразените, што значително го отежнува следењето и спречувањето на ширењето на вирусот.
Експертите предупредуваат дека вистинскиот врв на епидемијата можеби допрва следува, а доцнењето во идентификувањето на видот на вирусот дополнително ги усложни напорите за негово ставање под контрола. Здравствените служби во Конго и меѓународните организации продолжуваат да работат на ограничување на заразата и спречување на нејзиното ширење надвор од границите на земјата.


