
Непозната бела пенлива материја попладнево беше забележана кај вливот на реката Лепенец во Вардар во Скопје, по што на терен веднаш излегоа инспекциските служби за да утврдат за каква супстанција станува збор и од каде потекнува загадувањето.
Според првичните информации, големи наноси од бела пена најпрво се појавиле во Лепенец, а потоа продолжиле да се движат кон Вардар. Засега не е познат составот на материјата, ниту дали таа претставува опасност за животната средина.
Инспектори од Државниот инспекторат за животна средина и од Град Скопје веднаш започнаа со надзор на локацијата, додека екипи на ЈП „Водовод и канализација“ земаа примероци од водата за лабораториски анализи.
Во обид да се открие изворот на загадувањето, инспекциските служби користат и дрон со кој се проверува течението на реката и околниот терен. Надлежните институции треба да утврдат дали белата пенлива материја потекнува од индустриски капацитет, компанија или од друг извор.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, преку објава на социјалните мрежи информираше дека Градот добил пријава за непознатата материја пред околу час и половина, по што веднаш биле мобилизирани сите надлежни служби.
„Во комуникација сме со Министерството за животна средина и министерот и верувам дека за брзо време ќе биде откриен причинителот на оваа појава и соодветно санкциониран. Толеранција нема да има за никого“, порача Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека веднаш по добивањето на официјалните резултати и дополнителните информации од Министерството за животна средина, јавноста ќе биде информирана за причините за инцидентот и за евентуалните мерки што ќе бидат преземени.
Од Државниот инспекторат за животна средина соопштуваат дека постапката е во тек и дека засега не може да се шпекулира за потеклото на загадувањето, сè додека не бидат завршени сите неопходни анализи.

