Skip to main content
Македонија

Среде лето заврна снег на Пелистер 

24/07/2026  20:25

Врвот Пелистер на планината Баба денеска побеле од снег, откако наглото заладување и нестабилните временски услови донесоа снежни врнежи на надморска височина од 2.601 метар.

Од Јавната установа Национален парк „Пелистер“ информираат дека овој редок летен феномен уште еднаш ја потврдува непредвидливоста и уникатноста на планината, која со право го носи епитетот „крал на планините во Македонија“.

Фотографијата од снежниот врв е направена од вработените во пунктот на ЈП „Национална радиодифузија“, кој се наоѓа на самиот врв на Пелистер, и сведочи за необичната временска појава среде лето.

Студениот бран не ја зафати само највисоката точка на планината. Драстичен пад на температурите е забележан и во Битола, каде што вчера во 17 часот биле измерени 26 степени Целзиусови, додека денеска во истото време температурата изнесувала само 12 степени, со најава за дополнително заладување.

Снежните врнежи на Пелистер во јули се редок, но не и невозможен природен феномен, кој уште еднаш потсетува дека високопланинските предели можат да понудат вистински временски изненадувања и во најтоплиот период од годината.